Мобилно новинарство: Најинтелигентната спортска игра – предизвик за учениците во Велес (фото и видео)

Ученикот Андреј Ѓошев од ООУ„Блаже Конески“ беше само еден од вкупно 120 учесници на првиот ученички Шаховски турнир организиран во Велес. Организаторите беа изненадени од масовниот одзив на учениците. Ова петнаесет годишно момче се за најинтелигентната спортска игра научило од својот татко. Родителот му ги пренел личните знаења од поставување на фигурите до влечењето на потезите. Андреј ни презентира како се поставува таблата пред почетокот на играта.
-Во првиот ред има осум пиуни а во вториот ред два топа во двата ќоша, до нив има два коња. Ланфетот стои до коњот, белиот крал на црно поле а црниот крал на бело поле. Кралицата стои до кралот и тоа белата на белото поле а црната на црното поле, додаде Андреј.

Андреј го следевме како добро ги влече потезите на таблата додека се натпреваруваше на турнирот. Беше прецизен и борбен. Затоа од него побаравме да објасни како се игра шах?
-Во играта е битно да се даде „шах“ и „мат“. За шах е значајно да биде кралот во линијата на фигурите кадешто брани, го преместуваме кралот еве вака до пиунчето и викаме „шах“. Во шахот последниот потег е „мат“ тоа е кога кралот нема каде да се поместува. Него може да го попречат фигурите коишто дале шах и сите останати фигури коишто ги бранат полињата околу него. Ако станува збор за кралицата таа се поместува исто како и ланфетот и топот. Јас играм шах од шесто одделение од кога наставникот по физичко ни кажа дека ќе играме шах јас на тато му предложив да почне да ме учи да ја играм играта, додаде Андреј.

По три години континуирано играње на оваа игра, овој ученик во слободното време обожува да се натпреварува и на компјутер. Андреј појаснува како тоа изгледа играње шах на интернет.
-Се вклучувам на интернет, ја пребарувам играта шах и ми дава непознат противник. Подобро е да се игра шах во живо во споредба на интернет. Шах играм со татко ми но и со другарчиња. Кога играм со татко ми најчесто тој победува, бидејќи тој знае да игра шах подобро од мене, но јас постојано учам и го усовршувам играњето, додаде Андреј.

Андреј би се пријавувал на секој нареден шаховски натпревар затоа што сака да покаже како за само еден месец учел а потоа континуирано во изминатите три години ги совладал сите велемајсторски техники. Тој би бил пресреќен кога за противници би имал многу повеќе од сегашните три маалски другари. Како и секое дете и Андреј сака да победува. Затоа потребни се поголем број на натпревари коишто би се организирале генерациски, училиште против училиште или на општинско ниво. Исто така, на Сојузот за училишен спорт останува да одлучи дали ќе го реактивира градскиот шаховски клуб.
Убавка Јаневска
Стефани Манева
