Мобилно новинарство: Oдделенски наставнички создаваат математички гении во ООУ„Блаже Конески“ Велес (фото и видео)

По десеттина ученици на ООУ „Блаже Конески“ Велес, чии менторки се одделенските наставнички Велика Милошевска и Андријана Јорданова, со години ги освојуваат највисоките награди на општинските и регионалните натпревари по математика. Освен првите, вторите и третите награди, голем е бројот и на ученици кои добиваат пофалници. Тимот од двете наставнички не само што е почитуван од страна на учениците туку за него родителите говорат со особена благодарност.
„Најголема мотивација за нас се задоволни ученици за кои училиштето е пријатно место каде што учат, стекнуваат знаења и се дружат. Покрај редовната настава, наш посебен предизвик се и воннаставните активности каде што секој ученик може да ги разива своите афинитети и способности. Преку нив, може да ги истакнат своите способности и уште повеќе да напредуваат во областа што е нивен интерес. Целта е секој ученик да биде најдобрата верзија од себе. Крајниот резултат се среќни ученици кои ја градат својата самодоверба и имаат постојана желба за учење,“ рече Величе Милошевска.

Милошевска има 13 додека Јорданова 17 годишно работно искуство. Нивните резултатите се должат на континуирана и посветена работа со ученици уште од најниските одделенија заедно со извонредните услови за работа во училиштето и поддршката од родителите.

„Уште од најмала возраст, како тим,создаваме стимулативна средина за учење,обезбедуваме извори и материјали кои ќе им бидат лесно достапни на учениците. Преку игровни активности и манипулативи, визуелно ги поедноставуваме математичките проблеми со цел учениците лесно да доаѓаат до решенијата и да се мотивираат. Не практикуваме да решаваат само рутински задачи.Применуваме различни техники и стратегии преку кои се развива логичкото размислување. Сето ова овозможува да доаѓаат до исто решение на различни начини. Кога ќе забележиме дека ги совладуваат математичките проблеми, даваме дополнителни задачи коишто се предвидени за повисоките одделенија. Самото сознание на учениците дека ја решиле таа задача, кај нив поттикнува уште поголема желба за работа, рече Јорданова.

Освоените награди од страна на учениците се должат освен на учебниците и на дополнителна литература какошто се збирките задачи по математика и математичките списанија. Ова е само еден успешен наставничко – менторски тим во ова велешко училиште кои жнеат награди, како во натпреварите по природни така и по општествени науки.

“Горди сме што сме дел од ова училиште со долга традиција во освојување на највисоките награди и што припаѓаме во колектив на професионални и успешни наставници. Ученици од нашето училиште редовно учествуваат на голем број конкурси и натпревари и освојуваат награди по сите наставни предмети. Бидејќи сме училиште со престој, со учениците од прво до четврто одделение работат тимови од по двајца наставници и клучот за успехот на учениците покрај останатото е и соработката меѓу нив. На ниво на стручни активи наставниците разменуваат добри практики и сето тоа резултира со високи награди. Учениците кои покажуваат интерес и постигнуваат резултати во одредена област, уште повеќе се надградуваат преку додатна настава, учество во секции и други воннаставни активности, рече Милошевска.

Наставничко – менторскиот тим Милошевска и Јорданова го откри сопствениот рецепт за создавање на математички гении.

„Наставникот треба да ја поттикне љубовта кон математиката. Многу е важна и креативноста при подготовка и реализација на часовите по математика, тие да бидат интересни и забавни за учениците. Математиката може да се внесе во секој наставен предмет, да се поврзе со секојдневни ситуации од животот и да се откријат и решаваат проблеми кои не се лесно видливи. Само на тој начин математиката нема да претставува никаква потешкотија, а штом еднаш ќе ја засакаат, успехот е неизбежен. Исто така, важно е постојано професионално усовршување, преку учество на обуки каде што можат да стекнат вештини за развој на математичките способности кај учениците,Јорданова.

Пораката до сите жени, кои професионално се реализираат токму преку образување на ученици од наставничките Величе Милошевска и Андријана Јорданова гласи:

„ Да се сакаат и почитуваат себеси, со голем ентузијазам да пристапуваат кон својата професија и покрај тоа што многу работи треба да се подобрат во нашиот образовен систем. Промената нека започне токму од нас. Покрај образовната улога, ние воспитуваме личности и влијаеме на нивниот личен развој, затоа да бидеме добар пример за нашите ученици. Да бидеме горди што како жени можеме преку образованието на најмладите да учествуваме во градењето на подобра иднина за сите нас,рече Милошевска.

Овој наставничко – менторски тим смета дека „На младите светот останува“ и затоа докажува дека нивните ученици ќе бидат иднината на својот град и на Македонија.
Убавка Јаневска
Стефани Манева
