На ИФАД „Стоби“ три награди за претставата на Драмски „Ифигенија за ништо“ и една за кумановски Театар (фото)
Објавено: 6 ноември, 2025, во 11:02 часот
Претставата „Ифигенија за ништо“ во режија на Филип Петковски и во продукција на Драмскиот театар од Скопје ја доби наградата за најдобра претстава на Интернационален Фестивал на антички театар „Стоби“. Режисерот на оваа претстава, Филип Петковски ја доби наградата за најдобра режија додека актерката Јелена Жугиќ за улогата на Клитемнестра е добитничка на наградата за најдобра женска улога. Наградата за најдобра машка улога му припадна на актерот Марко Трајковиќ за насловната улога во претставата „Калигула“ на Кумановскиот театар.
Фестивалските награди на добитниците им ги врачи Градоначалникот на Велес, Марко Колев ,вчера вечер, на свеченото затворање на фестивалот и во нивна чест на сцената на НТ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ беше изведена претставата „Лекција“, копродукција на Народниот театар од Штип и Театар „Моушн нетворк“.



Годинешното фестивалско жири, во состав: Јордан Витанов, Кристина Атанасова Арсова и Фаик Мефаилоски, соопшти дека за наградените донеле „едногласна одлуката бидејќи станува збор за најистакнатите остварувања на фестивалот“.

Во образложенијата за наградените, фестивалската Жири комисија на „Стоби“, напиша:
“ Претставата „Ифигенија за ништо“ се издвојува со силна концептуална визија, која античката трагедија ја претвора во современ политички и егзистенцијален коментар. Преку минималистички, но прецизно изграден сценски јазик, „Ифигенија за ништо“ создава длабоко емотивно и интелектуално искуство кое ја поврзува митологијата со реалноста на денешниот човек.“
„Режисерот Петковски создава моќен визуелен и звучен универзум во кој трагедијата се движи меѓу древното и модерното. Неговата режија е суптилна, но впечатлива – вешто балансира меѓу симболиката и човечката драма, овозможувајќи на актерите и публиката да доживеат вистинска катарза.“
„Со моќна енергија и прецизна емоционална контрола, актерката Јелена Жугиќ создава потресна Клитемнестра – мајка и жена која се бори меѓу љубовта, болката и одмаздата. Нејзината изведба е пример за актерска посветеност и сценска присутност што го држи вниманието до последниот миг“.
„Актерот Марко Трајковиќ ја толкува сложената фигура на Калигула со извонредна психолошка длабочина и интензитет. Неговиот настап ја открива тенката линија меѓу лудилото и апсолутната моќ, претворајќи ја класичната драма во живо, современо размислување за човековата природа и општествените механизми на контрола“.

На овогодинешното издание на ИФАД „Стоби“ се претставија театри од Македонија, Италија и САД.
Убавка Јаневска


