Наместо ИН Мемориам – САШЕ ДИМОВСКИ 08.11.1976-05.08.2024
„На четириесет и седум годишна возраст, по добиени повеќе битки со болеста, почина новинарот Саше Димовски“.
Саше ова е единствената реченица, што во овој момент ми одекнува во умот, откако го прочитав напишаниот пост на Фејзбук на Кате, на твојата Катерина, од далечната Чешка, во којшто таа се простува од тебе со огромна сестринска болка. И не и поверував, се додека не ја слушнав. Саше, ја слушнав Катерина! Овој пат со Катерина се договоривме ништо да не криеме од тебе. Се да знаеш, за да не ни замериш дека пак нешто ти работиме зад грб. Треба да знаеш дека семејната загуба е огромна, болна, тескобна е Саше, не надоместлива и таа ќе трае се дури мајка Доцка, Катерина, Зоран и Васко ја газат земјата и го дишат воздухот.
И не изгубија само тие дете и брат, туку македонското новинарство загуби голем професионалец, врвен новинар чија специјалност беше правото и судството. Го загуби и Велес голобрадото момче, со голема амбиција, кое на свои неполни 17 години, на крајот на 1992 година, дојде во локалната ТВ „Здравкин“ и веднаш се вклопи во малиот тим на информативната редакција. И не само што пишуваше вести туку веднаш даде предлози за штотуку започнатиот документарен пристап во работата и поттик како и поддршка на идејата за воведување на истражувачкиот жанр.
Саше, само што на телефон со Анче и со Ленче, ги избројавме годините враќајќи се на назад, за да не испуштиме нешто што е значајно и што не смееме да не го спомнеме сега, кога треба да го кажеме, за да го споделиме меѓу себе, ѕвонеше и Дики. И сите имаме свој дел од сеќавањето на тебе, кое , еве, нека заврши со тоа дека: „ Саше ти беше борец, во вистинска смисла на зборот, за вистина и за правда!“ Те разбирав јас, тебе Саше, дека токму професионалецот во тебе не ти дозволуваше да се откажеш од твојот „Сведок“ и од професијата дури и кога мудрував дека „мирен и спокоен живот е најдобр начин да се води најтешката човечка битка, за личното здравје“ или дека „се сакаш себе си само ако покажеш дека ништо не е по вредно од личното здравје“ или…… Не оти јас ќе постапев поинаку ама им ветував на твоите дека ќе се обидам, пред се на мајка Доцка. И сега кога треба да напишам, не ми оди типкањево по тастатурава…а со должна почит кон тебе треба да завршам и напишам „Светол патот кон небесното царство“. И ич не ми оди со вториот дел за „спокој и мир на твојата ду- … оти се уште не можам да поверувам во оваа „вест“ иако на сите нас ни ја соопшти Кате, твојата „сестра Катерина“, како што ти милуваше да ја наречеш.
Саше ќе завршам со задолжителниот дел, при пишување на вестите, од жанрот црна хроника:
Димовски е роден во Велес, на 8 ноември 1976 година. Новинарската кариера ја започна во радио станицата „Си Би ЕМ“ од каде на крајот на 1992 година премина во локалната ТВ „Здравкин“, во којашто работеше во наредните три години, како дел од информативната програма, со особен придонес во документарната програма како и во првиот мал истражувачки тим на телевизијата, се до запишување на факултет.
Во професионалното портфолио на Димовски потоа се запишани професионалните ангажмани во националните телевизии „Сител“, „Канал 5“ и „24 Вести“ како и во неделникот и дневниот весник „Фокус“, на позиција новинар и уредник. Саше Димовски од 2015 година е сопственик и уредник на веб порталот „Сведок“. Димовски беше ментор и обучуваше млади новинари како и аналитичар за теми од правосудниот систем. Тој беше долгогодишен соработник и член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) како и Претседател на Советот на честа при ЗНМ.
Погребот на Саше Димовски ќе се одржи утре, среда, 7 август 2024 година на семејната гробница во Раштани, кај Велес.
Убавка Јаневска