Наставник Баки на ОУРЦ „Маца Овчарова“замина во пензија, учениците и колегите му приредија роденденско и пензионерско испраќање (Фото и видео)
Објавено: 24 септември, 2025, во 11:41 часот
По повеќе децениска работа со ученици со попречност во ОУРЦ„ Маца Овчарова“ Велес, денеска, на неговиот 64 роденден, во пензија си замина Благој Нацков еден од најпочитуваните и најомилените наставници на учениците и почитуван колега на наставниците. Учениците кои го нарекуваат со љубов „наставник Баки“ и со нетрпение го очекуваат секој час по физичко воспитание му приредија изненадување. Наставникот доби безброј прегратки и громогласно извикување на неговото име како и аплаузи.
Збогувањето со наставникот од училиштето е резултат на неговата искреност, посветеност и љубов кон децата кои оставија длабока трага кај генерации ученици. За време на својата работа Нацков организирал и учествувал на бројни спортски натпревари, мали Олимпијади и републички игри, при што неговите ученици освојувале голем број на награди, пехари и признанија.
„Со тоа ја потврди успешноста на неговата работа и неговата улога како мотиватор и поддржувач на млади таленти. Колегата Благој Нацков е препознатлив по својот ведар дух, скромност и професионализам, а неговата педагошка мисија е пример за тоа како љубовта кон професијата и учениците создава трајни вредности. Среќно пензионирање Баже!“, му напишаа колегите од ОУРЦ„Маца Овчарова“.
Наставникот Благој Нацков роден е на 24 септември 1961 година. Од најрана возраст покажувал љубов кон спортот и физичката активност, што подоцна e негова професионална определба. Студирал и дипломирал на Факултетот за физичка култура, а својата професионална кариера ја остварил како наставник по физичко образование.
Денешниот ден и 64 роденден веројатно ќе бидат еден од најубавите во животот на наставник Благој Нацков или омилениот „Баки“.
Убавка Јаневска


