(фото) Не издржа ниту две ипол години европското уредување на делот од велешко „Младост“, граѓани коментираат: „Глетката е очајна!“
Пораката „Ова езеро, оваа убавина е се што имаме. Да го зачуваме!“, испишана на поставената табла на главниот пат на езеро „Младост“ не е доволна за да ги мотивира посетителите да ги користат, чуваат и да се грижат за благодетите кои ги овозможи Проектот за локална и регионална конкурентност. Тоа го говори глетката што секој од посетителите може да ја види деновиве додека престојува на брегот на велешко езеро.
Не е во функција ниту едно од поставените црева за наводнување од системот капка по капка на тревата и посадените декоративни садници на шеталиштето покрај брегот на езерото. Сите црева се искинати и расфрлани или неупотребливо оставени на десетина места на зелените површини. Од нив се украдени пластичните делови кој вршеа дотур на вода од поставениот систем „капка по капка“. Водата истекува на поплочената со бехатон плочки патека и од чешмите за пиење вода непосредно до езерскиот брег. Така се создадени огромни вирови на повеќе места а има и доволно кал за да им создава проблем при движењето на граѓаните кои доаѓаат за да пешачат бидејќи на одредени делови тие не можат да поминат.
Корпите за смет се преполни. Ниту под летниковците не може да се седи бидејќи голема е количината на смет околу клупите. Остатоци од јаткасти плодови, опушоци па и скара за еднократно печење ќебапи и плескавици се дел од глетката. Недостигаат и делови на дрвените штици од кои се изработени масите и клупите на летниковците.
Не се во функција смарт клупите за да го наполните мобилниот телефон. Посетителите се во чудо како до сега останале во состојба да не се скршени.
-За ова треба постојана грижа од луѓе. Значи вработени кои ќе контролираат и ќе се грижат за редот. Ќе опоменуваат и ќе казнуваат. Без казни не може ништо да функционира како што треба. Погледнете ги младиве со мотор се возат по пешачката патека. Така ли треба?, рече незадоволна велешанка.
Во иста состојба се наоѓа и системот капка по капка кој ги наводнуваше насадените дрвја од видот „јапонски сливи“ што акцијашите и членовите на Ротаријанските клубови ги засадија покрај асфалтираниот пат кој води кон „Парк на срца“ и „Парк на авантури“. Истампонираниот дел од споредниот пат којшто води кон две нови вили или хотели на брегот го искинал системот „капка по капка“, веднаш до главниот хидрант за вода.
Нема ниту едена од првично засадените околу 60 туи, 20 чемпреси и по 40 лаванди и јунипероси во првиот, во детскиот парк, додека на прсти можат да се избројат преживеаните засадените индиски јорговани, лаванди, јасени и јавори покрај патот.
-Искрадени се сите. Целото зеленило е унишнено. Ги носам децата многу често, од моментот кога свечено го пуштија овој парк и да ви кажам дека прво никој не ги наводнуваше дрвцата и декоративните растенија. Потоа нивниот број се намалуваше а сега кога ниту едно од нив нема и исушената елка на средината на паркот на срцата нема кој да ја искорне и да насади нова. Бев и на свеченото пуштање и тогаш беше преубаво. Ние не заслужуваме да имаме убави паркови затоа што не знаеме да се однесуваме кон нив и општо кон природата, рече татко чии две малолетни деца играа во паркот.
Неговиот пријател го потврди истото и додаде:
-„Село без кучиња“. Ова го кажувам затоа што сакам да потенцирам дека за мене не е возможно до толку да немаме чувство на одговорност кон убавите работи. За ова знам дека е изградено со пари од Европа и кај се сега нејзините преставници да дојдат и да видат во каква состојба е сега паркчево. А преполно е со деца. Наместо да имаме сенка во лето и да можеме и напладне да ги носиме децата за жал во лето мораме да доаѓаме само приквечер, додаде втор татко на деца.
Одговорните сограѓани своите впечатоци ги соопштија со барање да бидат пренесени и нив да ги прочитаат одговорните за да поведат поголема грижа за благодетите кои се овозможени за сите посетители на езеро „Младост“.
Убавка Јаневска