Неделава ќе биде готово Техничкото решение за санација на мостот кај велешко Башино Село, ЈПДП ќе може да ја започне постапката за избор на изведувач
Стручњаци од Градежниот факултет при УКИМ, предводени од деканот проф. д-р Горан Марковски, вчера направија наменско испитување на конструкцијата на мостот кај Башино Село. Тоа беше потребно за да се потврдат веќе предложените постапки од нивна страна за доработка на Техничко решение за санација на мостот. Проф. д-р Марковски најави дека нареднава недела ќе биде целосно готов овој технички документ неопходен за започнување на постапката за санација на мостот и времено да обезбеди одвивање на сообраќај и преминување на граѓани.
-Како експерти ќе превземеме се’ за да го намалиме ризикот во однос на безбедноста на корисниците на мостот,рече проф. д-р Марковски.
Првичните проценки се дека мостот може да биде саниран за месец и половина.
По пробното товарење, вчера, на мостот со камиони од 40 тони коешто било статичко и динамичко на горниот строј на мостот и на носачите, тимот експерти, ја проценил фактичката состојба според која ќе се дефинираат потребните зафати за да се обезбеди статиката, стабилноста и безбедноста.
-Рокот за кој ќе се санира мостот зависи од неговата оштетеност. По извршеното снимање резултатите ќе ги утврдиме за неколку дена. Јас очекувам за месец и половина мостот да биде пуштен на повторно користење, додаде проф. д-р Марковски.
Според него се размислува на мостот на Вардар, кај Башино Село, да се постави и постојан мониторинг со цел да се обезбеди сигурност кога по него ќе се врати сообраќајот. Исто така професорот не дефинира за каков вид на сообраќај ќе биде безбеден мостот, како што изјави, се додека не се види до кој степен ќе може да се изврши санација. Всушност од неа зависи како понатаму ќе се користи овој мост.
Инаку изработката на Техничкото решение на Градежиот факутет било при крај и во нередните неколку дена, како што тимот експерти ветил, ќе го предаде на Јавното претпријатие за државни патишта. Потоа претпријатието ќе треба да спроведе постапка за избор на изведувач на санацијата на мостот.
Сепак овој мост не ќе може долго време да се користи туку да издржи во одреден временски период по него да се одвива сообраќај. За целосно надминување на проблемот со тешкиот товарен сообраќај сепак останува најавената изградба на комплетно нов мост којшто премиерот Христијан Мицкоски, на 3 јануари, годинава, го најави на локација од 100-тина метри јужно од постоечкиот мост. Тогаш Мицковски за рокот на започнување на изградбата на новиот мост ја дефинираше средината на годинава.
Убавка Јаневска