Нови пумпи за бунарите во Пепелиште!
По набавката и монтажата во неготинскиот водовод ќе треба да има до 25 литри во секунди повеќе вода за пиење.
Недостигот на вода за пиење, деценискиот проблем на Неготинци, деновиве стана повторно актуелен откако општината како решение ја најави набавката на две бунарски потопни пумпи. Тие ќе треба да бидат монтирани на бунарите во Пепелиште за да се обезбедат дополнителни 20 до 25 литри вода во секунда во водоводниот систем во кој засега постоечките од регионалниот водовод Лукар не ги задоволуваат потребите на граѓаните на Неготино. Двете нови пумпи ќе чинат околу 1 милион денари,рекоа од локалната самоуправа.
Откако заврши геодетско мерење на висинските коти на резервоарот и на постоечката пумпа на бунарите сега од двете нови бунарски пумпи се очекува да ја обезбедат дополнителната количина на вода. Тие ќе треба да ги ублажат редукциите во градот. Ќе треба да се набави и електрична табла со која автоматски ќе се следи нивото на водата во резервоарот.
Од ЈП Комуналец велат дека поради недостигот од вода за пиење,посебно изразен за време на летниот период, години наназад се принудени да воведуваат редукции два пати во текот на денот. Неготинци имаат проблеми и во зима па затоа во ова решение гледаат можност за делумно подобрување на состојбите со водоснабдувањето.