Неготино : Барајте си ги субвенциите, вие со работата заслужувате почит од сите нас!
Здружената опозиција одржа протестен марш низ улиците и граѓански парламент на централниот плоштад од каде упати повеќе пораки до власта.
Народот е државата,не се функционерите,министрите или премиерот. Народот одлучува како ќе живее а на 24 декември овој народ одлучи дека си ја сака слободата и демократијата назад, рече вечерва на отворањето на граѓанскиот парламент во Неготино, пратеничката во Републичкото собрание Ленче Николовска.
Николовска директно им се обрати на земјоделците порачувајќи им да не се плашат да си ги побараат субвенциите тоа јавно да го сторат тоа, зашто како производители на храната тие заслужуваат најголема почит.
„Она што го гледавте на 24 декември беше затоа што на власта и чепнавме во парите, зашто ве лажеа дека ако не се донесе буџет ќе нема субвенции. Ве прашувам каде се сега субвенциите, кои вие ги чекате, тоа беа пари предложени во буџетот во 2012 а никој од вас нема денар земено за лани. Она што ние го предлагаме се редовни субвенции, навреме да ги добивате или тогаш кога ви се најпотребни. Вам сега ви требаат пари, кога ќе го кроите лозјето, ќе го врзувате, сега кога ви треба да ставите нафта во тракторите. Гледам како ве манипулираат и лажат дека за сите ваши проблеми е виновен некој друг, дека за неисплатеното грозје се виновни газдите,“рече Николовска.
Таа пак ги повика Аризанов, Шаклев, Тантаров да им помогнат на лозарите наместо да и помагаат во манипулациите на власта и да се борат против опозицијата.
Од граѓанската говорница се обрати и Весна Здравковиќ, лозар од село Криволак, велејќи дека актуелната власт ја дотепала и последната земјоделска гранка која била доминантна и од која егзистирале 80 проценти од населението во неготинско.
“ Сите ние сме сведоци и се соочуваме со истите проблеми,неисплатено грозје,неисплатени субвенции со кои ги дотепаа цените на грозјето бидејќи секој откупувач кога ќе го прашаме за цената ни кажува 8 денари плус 2 денари субвенција, доста ви се тие пари ни велат,“ рече Здравковиќ.
На почетокот на протестот во името на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, Неготинци ги поздрави потпретседателот Зоран Заев. Го прозва градоначалникот на Неготино.
“ Срамота е што мојот колега од Неготино го гаси уличното светло, па таков и жената дома не го сака, а не да го гласаат, затоа марш со оваа диктаторска власт“ рече Заев.
Тој на насобраните граѓани им рече дека Црвенковски во овие моменти храбро и одлучно работи, донесува одлуки, се консултира, а целта е една и се вика Македонија.
Заев потсети дека 24. декември беше денот на разобличување на грдото лице на оваа недемократска и ненародна власт.
Запраша дали не е во ред да живееме во земја каде што ќе има правда и правичност, слобода и демократија, фер шанса за секого. После 10 или 15 години кога ќе не прашаат нашите деца и внуци „Што правевте кога ја губевме Македонија?“
– Затоа сме ние тука, опозцијата, да го охрабриме овој народ, да го кренеме оти вака не бива. Да се бориш за слободата и демократијата е света работа, затоа браќа Македонци заедно да се избориме,„ рече Заев.