ЗГ„ЕКОВИТА“: „ Осмо ноемвриското признание од општината, е признание за граѓанскиот активизам и им припаѓа на сите граѓани на Неготино“
8.11.2020
Здружението на граѓани „Ековита “ од Неготино е еден од петмината добитници на највисоките општински признанија и награди. „Ековита“ доби признание за развој на граѓанскиот сектор во општината. Членовите на „Ековита“ во изминатиот едногодишен период беа меѓу најактивните граѓански организации во општината кои освен што реализираа бројни активности и покажаа активен придонес за развој на граѓанскиот сектор, беа редовни учествници на меѓународни саеми, се и организатори на промотивниот настан „Донирај за безбеден дом и безбедна околина“, учествуваа на Националниот рурален парламент во Крушево и го организираа натпреварот за потребите на СОУ„Св. Кирил и Методиј“, на кои учениците подготвуваа рецепти на соларна енергија.
Учесници се на меѓународниот земјоделски саем во Бугарија, дадоа поддршка на 7 ученички проекти на напревар на ПМФ од кои пет се вратија со дипломи, присуствуваа на Европскиот младински рурален парламент во Шпанија и вмрежувањето на членките на мрежата за рурален развој во Струга.
Исто така активисти на ова неготинско граѓанско здружение во континуитет го следат и мерат електромагнетното зрачење во Неготино.
Активистите на „Ековита“ со своите мобилни мерни станици и инструменти го следат аерозагадувањето на амбиенталниот воздух и постојано алармираат до населението и локалната власт.
Она што е од особено значење и предизвика огромно внимание е општата граѓанска мобилизација и спроведување на иницијативата за референдум против изградба на депонија за индустриски и инертен отпад на територијата на Општина Неготино, иницијатива што успешно ја спроведе токму „ Ековита“. Здружението во рекорден рок собра 3323 потписи од граѓаните, што е повеќе од исполнување на законскиот минимум за организирање на референдум на локално ниво.
По собирањето на овие потписи и под притисок на јавноста локалната власт се откажа од намерата да се гради депонијата.
За Дума.мк, Претседателот на Здружението дипл. биоинженер СашкоТодоров вели дека ова е признание за самосвеста на граѓаните за значењето на здравата и чиста животна средина и дека токму граѓаните на Општина Неготино заслужено се добитници на ова престижно признание.
– Едноставно, оваа иницијатива ги сплоти и обедини неготинци како никогаш досега, затоа што со оглед на големата иселеност, граѓаните масовно застанаа зад иницијативата, додаваТодоров. Во иднина од Здружението најавуваат дека ќе ги следат сите сомнителни инвестиции кои можат да влијаат на здравјето на граѓаните и заштита на животната средина, како и дека ќе го споделуваат своето искуство со другите здруженија од соседните општини.
Мите Јаначков