Одлуката за новото сообраќајно решение со „пешачка улица“ во центар на Велес до средината на годинава
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/Srmaalesoobrakaj1-fin.png)
Привршуваат градежните работи на проектот за пешачка зона со уредување на централно градско подрачје во Велес но има време за избор на новото сообраќајно решение за коешто градската власт соопшти дека ќе се одлучи до крајот на првата половина на годинава. Според општината до тогаш бил крајниот рок за реализација на овој дел од проектот според којшто граѓаните треба да добијат и смарт урбана опрема како и други елементи.
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/Srmaalesoobrakaj2-fin.png)
Ова го соопштија дополнително вчера од градската власт од каде Дума.мк претходно побара одговор на новинарски прашања поврзани со темата по бројни реакции на граѓани, на социјалната мрежа Фејсбук, кои живеат на улицата „Архиепископ Михаил“. Голем дел од нив, во статуси или во коментари, искажаа негодување како за колоните паркирани возила така и за промената на режимот на возење од дво во едно насочен правец. Поточно поголемиот дел од граѓаните кои живеат на оваа улица, во центарот на градот пишуваа дека немаат право останатите да им забележуваат зошто ги паркираат возилата пред влезовите во своите домови додека дел од граѓаните тврдеа дека тоа не треба да го прават туку да си обезбедат гаражен простор на друго место ако гаражите во дворовите или приземните катови на куќите ги пренамениле во деловен простор. Ако имаа издвоени мислења по ова прашање скоро да делеа идентично несогласување за пренамената на сообраќајот од двонасочен во еднонасочен.
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/Srmaalesoobrakaj3-fin.png)
„Од страна на СВР Велес а по однос на предходно доставено Барање од Општина Велес врз основа на изготвен Основен сообраќаен проект од овластена проектанска куќа издадена е согласност за измена на сообраќајниот режим на улицата „Архиепископ Михаил“, вклучувајќи ја и улицата 8 ми Септември. Обврската на Oпштина Велес е спроведување на режимот на сообраќај кој е одобрен согласно Основниот сообраќаен проект и добиената согласност од СВР Велес со поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација, додека обврската за контрола на непрописно паркираните возила на улицата Архиепископ Михаил е во надлежност на Биро за јавна безбедност, Сектор за внатрешни работи Велес, Одделение за полиција, одговори општината на поставеното прашање дали е донесена и каква одлука за измена на сообраќајниот режим на улица „Архиепископ Миахил“ кој што треба да пропишува и регулирање на паркирање на возилата.
Исто така бидејќи за дел од граѓаните кои живеат на улица „8 Септември“, од плоштад „С`рмаале“ до кружен тек пред поранешна Стоковна куќа, спорена била пренамената на оваа улица од сообраќајница во пешачка од општината побаравме одговор за избраното решение поточно прашавме кога и дали оваа улица ќе биде затворена за сообраќај.
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/Untitled-design-40.png)
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/Srmaalesoobrakaj4-fin.png)
„Во контекст на начинот на функционирање на сообраќајот на улицата 8 ми Септември ќе се даде навремена информација по завршување на предвидените градежни активности, кои сеуште се во тек и го адаптираат просторот согласно градежниот и сообраќајниот проект, напишаа во одговорот градските власти.
Оттаму додадоа дека пред конечната одлука дали Велес во центар ќе добие или не пешачка улица како и за изборот на сообраќајното решение ќе се почитувале мислењата на граѓаните.
Инаку станува збор за реализација на проектот „СМАРТ – Паметни решенија за Велес“ , аплициран во 2020 и одобрен во 2021 година, во рамки на Програма „ЕУ за општините – подобрување на услугите на локалната самоуправа преку иновативни концепти“. Европска Унија за реализација на проектот обезбеди 750 илјади евра.
На првата промоција, пред неполни три години, овој проект беше промовиран како практична реализација на Планот за одржлива урбана мобилност со цел велешани да добијат „пешачка зона во срцето на градот“, да се намали сообраќајниот метеж и да се намали загадувањето во централното градско подрачје како и да се создадат подобри услови за локална економија, особено за компаниите во областа на угостителството и трговијата.
Убавка Јаневска
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2021/05/SEMM.jpg)