Одреден 30 дневен притвор на велешанецот А.Н за сообраќајната несреќа со смртни последици во Велес
Дваесет и девет годишниот А.Н од Велес, од вчера вечер, е во 30 дневен притвор. Судија во претходна постапка на Основен суд Велес го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Велес. А.Н вчера попладне бил донесен во Основен суд во Велес откако неколку часа претходно полициски службеници на Сектор за внатрешни работи Велес го лишиле од слобода.
Исто така, Основен јавен обвинител за подрачјето на општина Велес ги сослушал А.Н како и останати тројца велешани, еден маж и две жени, кои во моментот на сообраќајната несреќа на 17 декември, околу 22:15 часот, биле во возилото марка „мерцедес“ со кое на улица „Борис Трајковски“ во Велес удри и усмрти 11 годишно девојче и ја повреди неговата мајка, Е.И (43) од Велес.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 29-годишен велешанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, како и кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 од Кривичниот законик,“ пишува во соопштението на ОЈО Велес.
Според Обвинителството, осомничениот А.Н, како учесник во сообраќајот, на 17 декември, под дејство на алкохол, управувал автомобил „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки. На улицата „Борис Трајковски“ во Велес, приоѓајќи на обележан пешачки премин, тој не го управувал возилото со соодветна брзина која дозволува да запре во случај на потреба и не обрнал внимание на пешаците , мајка и ќерка, кои во тој момент поминувале на пешачкиот премин. Со автомобилот тој удрил во мајката која паднала на земја и се здобила со телесна повреда, отворена рана на челото, како и во 11-годишното девојче, кое од ударот било исфрлено десетина метри напред кон следниот пешачки премин, паднало и се здобило со тешки телесни повреди од кои починало на лице место. По несреќата, осомничениот не застанал да им укаже помош, туку продолжил со несмалена брзина да се движи кон населбата Превалец.
Определената мерка притвор е со цел да го обезбеди неговото присуство и непреченото одвивање на кривичната постапка.
Убавка Јаневска