Општина Градско го плаќа престојот на 40 деца во градинката „Кокичиња“(ФОТО и АУДИО)
Престојот на четириесет деца во објект „Кокичиња“ на градинката „Димче Мирчев“ во Општина Градско, ќе биде целосно финансиски подмирен со средства од буџетот на општината за 2022 година. Ваква одлука донесе Советот на општината што денеска беше повод за потпишување на договор помеѓу Општина Градско и Општинска јавна установа детска градинка ЈУДГ „Димче Мирчев“ во Велес. Договорот вреден 720.000 денари го потпишаа Градоначалникот Киро Нацков и директорката на градинката „Димче Мирчев“ Маја Велиновска. За оваа мерка Киро Нацков се залагал како една од приоритетните заложби пред да седне во градоначалничката фотеља.
– Ние планираме во текот на 2022 година во соработка со директорката на градинката „Димче Мирчев“ да го прошириме опфатот на деца, односно нашиот план е во текот на 2022 година тој да брои 70 деца којшто ќе ги помага општината исто така преку плаќање на нивниот престој во градинката, рече Киро Нацков, Градоначалник на Општина Градско.
Според градоначалникот целта на овој договорот е во екот на економската криза финансиски да се помогнат на 40 семејства којшто имаат деца на возраст за посета на градинка, преку субвенционирање на престојот. За директорката Маја Велиновска соработката претставува исполнет капацитет на објектот „Кокичиња“ во Градско, поточно поголем опфат на дечиња особено од семејства којшто не можат да платат престој во градинка.
– Ова за градинката претставува зголемен опфат на деца во предучилишно воспитување. Придобивките се многу поголеми бидејќи децата коишто посетуваат предучилишни установи покажуваат подобри резултати понатаму во процесот на школувањето. Ова е тристрана придобивка бидејќи потпишувањето на договорот ги вклучува освен јавната институција ОЈУДГ „Димче Мирчев“, Општина Градско и секако граѓаните поточно родителите на дечињата, додаде Велиновска.
Спроведувајќи ја оваа мерка во очекувањата на градоначалникот Нацков е општината да влијае и на зголемувањето на наталитетот.
Стефани Манева