Патници од Велес за Скопје задоволни од третманот на прилепски автопревозник
Доколку за Скопје патувате со автобус на прилепскиот превозник „Роман“ не се изненадувајте од тоа што хигиената во внатрешноста на превозното средство е на високо ниво, што освен возач со патниците патува и кондуктерка и што ќе бидете послужени со вода, со кафе или чај.
Патници во државата одамна не добиле ваква услуга додека се возеле со автобус. Иако за велешани оваа патничка дестинација е кратка скоро сите беа изненадени од услугата што ја добија во автобусот на прилепски „Роман“. А се започна со влегувањето во автобусот кога на девојка возачот и помогна со тоа што и го качи куферот до седиштето затоа што нејзината крајна дестинација беше населбата Автокоманда во Скопје.
Потоа следеше послужувањето со вода, со кафе или со чај. Патниците коментираа дека оваа практика треба да ја имаат сите автопревозници во државата.
Кондуктерката Даниела Павиќ информираше дека започнувајќи од месец февруари,годинава, автобусите на „Роман“ секојдневно ја возат релацијата од Прилеп за Скопје. Автобусите од Прилеп поаѓаат во 5:30 часот, во 6:30 часот, во 9:30 часот и во 14: 30 часот додека од Скопје за Прилеп во 8:30, во 13:30 часот, во 14 часот и во 18 часот.
Велешани можат да патуваат за Скопје со автобусите на овој прилепски превозник од Автобуска станица Велес во 8:00 часот, во 11:00 часот и во 16:00 часот како и од Скопје за Велес во 8:3 часот, во 13:30 часот, во 14 часот и во 18 часот. Билетот чини 200 денари.
Убавка Јаневска