Почина Панчо Минов, комеморативна седница за утре најави Општина Кавадарци

На 67 годишна возраст, денеска, во родниот град почина поранешниот градоначалник на Кавадарци и пратеник во македонското Собрание, Панчо Минов.
Минов во два мандати беше градоначалник на општина Кавадарци од 2000 до 2009 година и во четири мандати, пратеник во Парламентот.
Како политичар, Минов, особено се залагаше за потребите на земјоделците, како и за лозарите од Тиквешкиот регион.
Комеморативна седница во чест на Панчо Минов ќе се одржи, утре, во Кавадарци, информираа денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
– Со длабока тага ја примивме веста за смртта на Панчо Минов. Поранешен градоначалник на Кавадарци со два мандата, долгогодишен политичар, со четири мандати како пратеник во републичкото собрание, човек кој остави длабока трага во развојот на нашиот град и во јавниот живот на Република Македонија. Неговата посветеност, искреност и љубов кон Кавадарци ќе останат запаметени за кавадарчани. Неговото влијание во донесувањето на важни законодавни измени ја покажува и посветеноста, искреноста и љубовта и кон Република Македонија, соопштија од кабинетот на Јанчев.
Бројни пријатели, политичари и јавни личности денеска се опростуваат од Панчо Минов на социјалните мрежи.
Дума.мк


