Под мотото „Јас сум суперхерој, јас можам“ одржани првите спортски игри на учениците со попреченост од ООУ „Васил Главинов“
Учениците со попреченост од основното општинско училиште „Васил Главинов“ вчера, на градскиот стадио „Зоран Паунов“ во Велес ги одржале првите спортски инклузивни игри под мотото „Јас сум суперхерој и јас можам“. Со ваквите настани од училиштето велат дека сакаат да ја подигнат свеста на пошироката јавност за проблемите со коишто се соочуваат децата со попреченост.
– Целта на овој настан беше да се поттикне локалната бизнис заедница да земе активно учество во подобрувањето на инклузивната клима во нашето училиште преку обезбедување на спортски реквизити и ресурси за непречено функционирање на децата со попреченост. Голема благодарност до Кристал – Велес, Бифора, MS фото студио, Принт Баланс и Општинската организација на Црвен крст – Велес за несебичната поддршка и придонес за организација и реализација на овој настан, пишува во соопштението на ООУ „Васил Главинов“ објавено на нивната фејсбук страница.
Овој настан бил реализиран во рамките на проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ и истиот бил поддржан од Здружението „Отворете ги прозорците“ и Детската фондација „Песталоци“.
Исто така како дел од овој настан биле и волонтерите на велешкиот Црвен Крст којшто играле и се забавувале заедно со учениците од основното училиште.
Стефани Манева