Пожарот кај „Мукос“ во Чашка може да се гасне само со воздухоплов, во вториот пожар кај село Габровник гори квалитетна шума
Регионалниот центар за управување со кризи Велес соопшти дека на силите кои би го гаснеле пожарот кај местото викано „Мукос“ во Општина Чашка им се потребни 30 км одење пешки по земјен пат за да стигнат до точната локација за гаснење на пожарот. Поради оваа непристапност на теренот врз пожарот кој е префрлен од страна на Прилеп може да се дејствува само со воздухоплов. Пожарот е се уште активен каде гори ниска вегетација.
Исто така, активен е и шумскиот пожар кај селата Габровник и село Мокрени во Чашка на планината Бабуна кадешто гори мешана шума и ниска вегетација. Како што информираат од ЦУК вчера на терен интервенирале екипа од 10 вработени на ЈП Национални шуми Бабуна Велес. Оттаму додаваат дека пожарот се движи и кон село Габровник каде гори квалитетна шума.
– Екипите од 10 лица од ЈП Национални шуми подружница Бабуна -Велес во 17:40 часот се повлечени од терен. На лице место е останато едно лице техничар на надгледување. Теренот е доста неприступачен, пишува во дневниот извештај на ЦУК.
Инаку, пожарот кај село Калањево, неготинско е локализиран.
-На терен биле присутни патроли од ТППЕ Неготино со 3 пожарникари, 5 лица од ловното друштво Вардар, 5 лица од национални шуми –Демир Капија и 1 багер во сопственост на ЈП за одржување на магистралните и регионалните патни правци. Пожарот во рамките на армискиот полигон Криволак од неготинска страна е ставен под контрола. Во текот на денот е побарана помош од страна на Армијата од 1 цистерна на ТППЕ Неготино за гасење на пожарот во армискиот полигон Криволак кај месноста Јаношево. Во гаснењето на пожарот интервенирале припадници на Армијата, пишува во дневниот извештај од РЦУК Велес.
Стефани Манева