Протест на вработените во Авто школите во Велес: „За три дена МВР да контролира и да го отвори полигонот, ако не сака блокада на улиците во градот“
„Пет месеци е заклучена влезната капија на полигонот за обучување и за полагање на возачки испит и исто толку време не работиме,“ рекоа на денешниот протест пред влезната врата на Градски полигон вработени во четири авто школи во Велес. Тие два часа ја блокираа улицата пред полигонот паркирајќи ги сите автомобили и камиони. На протестот освен за проблемите на фирмите во кој работат или ги раководат, за обезбедување на плати за вработените исто така проговорија и за возењето на полигон на кандидатите наместо во Велес во Неготино и Кавадарци како и за неможноста тие да го полагаат возачкиот испит надвор од Велес.
-Во изминатите шест месеци ние не остварувавме никакви примања а моравме да прикажеме приходи и да исплатиме плати. Срамно и жално е. Пет месеци намерно или не се кочи нашата работа, рече Љупчо Стојанов од авто школа „Орион“.
-Ние од авто школите живееме и леб јадеме. На кандидатите може да им истечат и лекарските уверенија и рокот за полагање на тестови за возачки испит. Доколку за една година не заврши тестови,полигон и возење низ град му пропаѓаат положените тестови или полигон или градско возење. Се мора да положи во една година, рече инструктор Слободан Митев од авто школа „Старт“.
-Овој полигон е од 1974 година и е еден од најубавите во Македонија. Тука се мириса на вмешување на политика, рече вработен во авто школа.
Над 40 вработени и сопственици на четирите авто школи во Велес не веруваат во одлуката на МВР дека полигонот за полагање на возачки испит по 40 годишно работење не може да одговори на потребите. Особено сега откако Здружението на возачи ги отстранило проблемите со угорнината на која се изведува испитот со користење на рачна кочница како и дополнително обезбедениот влез во полигонот.
Тие на комисијата на МВР и се заканија со нови протести на главните сообраќајници во градот доколку во наредните три дена не изврши контрола и не го стави во функција полигонот во Велес.
Убавка Јаневска