Прв шаховски маратон и неверојатно голем одзив на ученици во Велес

Објавено на 3 март, 2023 во 15:59
Фото: Шаховски натпревар во ССОУ „Коле Неделковски“

Над 180 ученици од основните и средни училишта во Велес учествуваа на првиот шаховски маратон во ССОУ „Коле Неделковски“. Сите тие се почуствуваа како велемајстори покрај поставените шаховски табли и фигури во најинтелегентната игра на светот. Атмосферата беше неверојатно убава но и предизвикувачка. Победените им подаваа рака на победниците. Во салата очигледно беше дека има многу создадени нови пријателства и веќе закажани наредни игри помеѓу учениците.

Фото: Шаховски натпревар во ССОУ „Коле Неделковски“

На новинарското прашање зошто играат шах, сите дадоа ист одговор, дека станува збор за интересна игра со која се поттикнува развој на умот.

Фото: Шаховски натпревар во ССОУ „Коле Неделковски“

Организаторите на првиот шаховски натпревар беа позитивно изненадени од одзивот на ученици.

Фото: Организатор на настанот, професор Трајче Недев

-Јас ова го нарекувам шаховски маратон бидејќи многу голем број на ученици се пријавени. Ние ги поделивме во три категории и тоа првата од прво до петто одделение коишто започнаа со игра рано наутро во 07:30 часот. Потоа во 12:30 часоти играа учениците од втора категорија, поточно од шесто до деветто одделение и подоцна, од кај 17:30 часот ќе дојдат учениците од средните училишта. Најпрво учениците играат едно квалификационо коло коешто го нарекуваме полуфинале потоа победниците играат финале во коешто играат повеќе кола. Основците играат 4 до 5 кола додека средношколците ќе играат шест кола на крајот, потоа оној што ќе има најмногу победи го освојува првото место. Ние имаме спонзор којшто ни донираше средства и за првото и второто место имаме обезбедено диплома и награда шаховски комплет, за третото диплома и книга. Секој учесник добива благодарница за учество, рече организаторот проф. Трајче Недев.

Фото: Шаховски натпревар во ССОУ „Коле Неделковски“

Вака големиот одзив ги поттикна организаторите, професорите Трајче Недев и Стојан Петкашинов, да размислуваат и за други натпревари со цел да се организираат многу почесто.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.