Првиот пролетен ден, велешани го одбележаа со еко – акција за почист град
Дваесет метри кубни смет и отпадоци беа собрани од повеќе локации во Велес, на денешната еко – акција организирана по повод првиот пролетен ден, од страна на Општина Велес, ЈКП „Дервен“ како и градинката, основните и средните училишта. Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, посочи дека врвен приоритет на локалната самоуправа е подобрување на хигиената и зеленилото во градот.
– Во изминатите 120 дена од кога ја извршувам функцијата градоначалник, имаме секојдневна комуникација со ЈКП „Дервен“, организираме голем број на акции за подобрување на хигиената на Велес. Повеќе не можат да се забележат полни котејнери, интензивно се работи на терен, се местат нови корпи за отпадоци. Во наредните денови ќе имаме и ново возило за собирање на сметот во нашиот град а интензивно работиме на повеќе локации за подобрување на зеленилото во градот, се со цел да имаме еден убав модерен европски Велес. Кампањата „Сакај го Велес“, којашто ќе ја работиме во соработка со градинката, со основните и средните училишта, е со цел подигање на јавна свест во Велес за зачувување на животната средина и хигиената. Мораме сите да помогнеме градот да биде чист и зелен, бидејќи од сите нас зависи. Подигнување на свеста кај граѓаните за зачувување на животната средина и подобрување на хигиената, зеленилото и зачувувањето на урбаната опрема мора да биде на повисоко ниво. Се случува на неколку локации во текот на овие 120 дена по неколку пати да ги чистиме и пак се полни со смет, тоа не е до комуналното претпријатие туку до нашите сограѓани, голем дел од нив се придржуваат за подобрување на хигиената но има и мал дел којшто не го почитуваат тоа и мораме да допреме до нив, додаде Колев.
Исто така, директорот на Јавното комунално претпријатие „Дервен“, Горан Наунчев, испрати порака до граѓаните на Велес.
– Овие еко – акции планираме да преминат во една пракса. Сакам да испратам порака со цел да се зголеми општествената одговорност кај сите велешани и да го одложуваат отпадот на адекватни места којшто се наменети за тоа. Заеднички треба да си го сакаме градот. За хигиената треба да почне да се грижи секој од нас, со заеднички грижи можеме да го имаме градот чист и убав и да си го сакаме Велес бидејќи друг немаме, додаде Наунчев.
Во оваа акција учество земаа вработени од општинската администрација и јавното комунално претпријатие „Дервен“, советниците од Општина Велес, ученици од основните и средните училишта, Општинската организација на Црвен крст, претставници од градинката „Димче Мирчев“, ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“, како и граѓани на Велес.
Денешната еко – акција е почеток на кампањата „Сакај го Велес“ којашто ќе трае 365 дена со цел Велес да биде чист и зелен град.
Стефани Манева