Ревакцинација во Здравствен дом и вакцинација на масовниот пункт
За шест часа триста велешани, денеска, ја примија првата доза на вакцината „АстраЗенека“. Тие се вакцинираа на отворениот пукт за масовна имунизација во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“. Според доктор Пандели Божиков, службата за имунизација, составена од шест лекари и осум медицински сестри, останува на овој пункт до 16:00 часот.
-Задоволни сме, на пунктот без метеж и според здравствени протоколи, вакцинирањето тече во најдобар ред. Остануваме до 16:00 часот и ги очекуваме преостанатите 100 граѓани коишто имаат закажан термин за прва вакцина во текот на денешниот ден, додаде Божиков.
Во исто време, на двата пункта во Здравствен дом Велес, тече ревакцинацијата на граѓаните со „Синофарм“. Оваа јавна здравствена установа, вчера вечер, добила 300 нови дози од кинеската вакцина за ревакцинација на исто толку граѓани.
Инаку трет ден во Велес нема регистриран случај на заразен граѓанин со ковид-19. Од денеска затворена е и Модуларната Болница.
Убавка Јаневска