Росоман трајно ќе го реши водоснабдувањето!
Проблемот со водоснабдувањето кој беше присутен во Росоман е надминат велат од општината.
Објаснуваат дека заедно со Кавадарци работат на заеднички проект кој ќе овозможи двете општини на подолг рок да немаат прекини во водоснабдувањето, посебно во летниот период кога потрошувачката е зголемена.
“Се исчистија бунарите. Се набавија повторно нови пумпи. Сега граѓаните немаат проблем со водоснабдувањето. Во јуни ќе финишира проектот со Кавадарци за водоснабдување, а жителите на Росоман,Манастирец и останатите села од општината ќе имаат квалитетна вода за пиење. Ќе изградиме годинава уште еден резервоар за вода,“ рече градоначалникот на Росоман, Стојанче Лазов.
Општината покрај на решавање на проблемот со водоснабдување континуирано работела и на изградба на канализациона мрежа во населените места во Росоман.
Веќе 90 отсто од граѓаните имале канализација, а тенденција на општината е канализациона мрежа да има во секое населено место на општина Росоман.