СДСМ Велес од Антикорупциска ќе бара став за плаќања од општина Велес за шефот на Кабинет на градоначалникот и за советник
Нови обвинувања од советничката група на СДСМ денеска се упатени кон општина Велес и Советот на општината. Обвинувањата се однесуваат за трошоци кои,според нив, произлегуваат од реализацијата на програмите за работа на општината или по конкретно се однесуваат за исплати кои биле направени на лица коишто се вработени или се членови на Советот на општината. Поради сомнеж за конфликт на интереси од советничката група на СДСМ соопштија дека ќе поднесат барање до Антикорупциска комисија од каде ќе очекуваат став.
Во реакцијата на советничката група на СДСМ се вели:
„Почитувани велешани,
Вие имате право да ја знаете вистината за тоа како функционира локалната власт предводена од ДПМНЕ.
Врз основа на извештајот за манифестациите „5-Ре“ и „Рацинови Средби“, поголема сума пари на граѓаните завршуваат на сметка на шефот на Кабинет на градоначалникот и Здружение на граѓани каде претседател е советник од Левица.
Прашуваме, дали има конфликт на интерес кога вработен во општината и советник кои се платени од народот и гласаат за буџетот, да добиваат пари во своите фирми?
Уште поскандалозно е дека повторно пробаа да ги скријат фактурите за наплатата но по наше барање фактурите беа откриени.
– Јавно прашуваме дали шефот на Кабинет на градоначалникот Колев смее преку своето книговодствено биро да врши услуги и да наплаќа средства за манифестации кои се поддржани со пари од општина Велес ?
– Дали советникот од Левица кој гласа за истите манифестации да станат дел од програмите на Совет смее да наплаќа 46 000 денари како претседател на здружение на граѓани за организација на рута до Лопушник во рамки на “Рациновите Средби”?
Прво поднесуваме барање до Антикорупциска, да се утврди дали овие лица кои работат во општина Велес и се советници во Општина смеат да наплаќаат средства или пак имаат судир на интереси. Ако Антикорупциска одлучи дека имаат судир на интереси бараме одговорност .
Овакви скандали имаше и во минатото кога ВМРО-ДПМНЕ општинскиот буџет го користеле за задоволување на апетитите на партиските војници. Но очигледно и под раководство на Марко Колев ситуацијата не е сменета.
Нема да дозволиме злоупотреба на парите на граѓаните и будно го следиме секој чекор на општинската власт која очигледно освен злоупотреба не знае ништо друго.“
Дума.мк