(фото) Со песна, игра и шаренило започна VI Меѓународен фолклорен фестивал “Кавадаречки фолклорни средби”

Кавадарци повторно пулсира во ритамот на традицијата. На градскиот плоштад синоќа свечено беше отворен шестиот Меѓународен фолклорен фестивал „Кавадаречки фолклорни средби“, кој го донесе препознатливиот дух на народната музика, песна и игра од различни краеви на светот.


Фестивалската вечер започна со дефиле низ улиците на Кавадарци, каде играорци во традиционални носии го најавија она што следуваше –културен спектакл на отворена сцена. Публиката на градскиот плоштад имаше можност да ужива во разноликите кореографии, песни и обичаи што ги претставија фолклорните ансамбли.


На сцената настапија фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ од Кавадарци, ФА „Анкара Џансу“ од Анкара, Турција, КУД „Јане Сандански“ од Неготино и КУД „Мирка Гинова“ од Демир Капија. Секоја група внесе дел од својата култура и традиција, а публиката не ја криеше воодушевеноста и со громогласни аплаузи ги наградуваше настапите.


Фестивалот продолжува и вечерва. Новите фолклорни претставници ќе продефилираат низ градот во 19:30 часот, по што ќе следува концертната програма од 20:00 часот. Специјално внимание оваа вечер ќе привлече настапот на групата од Мексико, која ќе донесе нова димензија на фестивалот со својата богата и шарена традиција.

Кавадарчани и гостите на градот ги очекуваат уште неколку дена исполнети со музика, танци и културна размена – вистински празник на фолклорот и пријателството.
Стефани Манева
