Сограѓани, потребна е наша помош за велешанецот Илија Станков „Праската“

Тумурот во стомакот го оддалечи велешанецот Илија Станков со прекар „Праската“ од работното место во градот Велика Плана, во Србија. Градежниот работник наместо на градилиштата на неговата фирма неколку месеци се наоѓа на лекување во Општа болница „Стефан Високи“ во Смедеревска Паланка. Поранешниот акцијаш, учесник на голем број Сојузни младински работни акции на просторите на поранешна Југославија како и добитник на „ударнички значки“ ,за натфрлените норми на градилиштата на кои се градеше поранешната држава, сега ја води најголемата животна битка. Праската се бори против тешка болест, сам, во болничкиот кревет во град што е 370 км оддалечен од неговиот роден Велес.
Овој наш сограѓанин, Македонец, со државјанство и пасош, има потреба од нас и нашата помош. Затоа на синоќешниот состанок на Здружение на граѓани „Акцијаш ветерани“ Велес беше донесена одлука за започнување на хуманитарна акција за собирање на финансиски средства. Во хуманитарната акција можат да учествуваат сите велешани, пријатели, другари, сограѓани од дијаспората на Илија Станков Праската, со парични прилози, кој колку што може. По одржување на состанокот на акцијашите ветерани објавено е следново соопштение:
„Почитувани велешани, пријатели на Илија Станков ПРАСКАТА кои сакате за него да донирате парична помош тоа ќе можете да го сторите во месара „МИКАР“ кај Јордан Камењаров – Камењарчето задолжен од Здружението на граѓани „Акцијаш ветерани“ Велес да ги собира донираните средства. Донациите ќе се собираат најдоцна до понеделник, 6 март, секој ден, од 9 до 12 часот. Камењаров ќе можете да го добиете и на моб.тел.број. 070 315 797. Собраните средства ќе му бидат однесени на Илија Станков во болницата во Смедеревска Паланка. Ве повикуваме да му покажеме на акцијашот ветеран и ударник, на велешанецот, Станков дека не е сам во оваа негова најголема животна битка! И сите заедно да обезбедиме уште една УДАРНИЧКА значка!“.
Почитувани читатели на Дума.мк, Акцијашите ветерани разгледуваат и други можности и начини за помош на својот другар и пријател. Ќе ве информираме штом донесат одлука за нив.
Убавка Јаневска
