Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија организира камп за млади лица со дијабетес тип 1 на велешко езеро Младост
Шеснаесет лица кои имаат дијабетес тип 1 а се на возраст од 13 до 18 години, поточно од осмо одделение во основно училиште до четврта година во средно училиште, ќе имаат можност да бидат дел од првиот камп за едукација на деца и млади организиран од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија. За време на диа кампот тие покрај можноста да се дружат и вмрежуваат ќе имаат можност и да се едуцираат за сите потреби коишто ги имаат.
Претседателот на СЗДМ, Димче Велев, за Дума.мк изјави дека овој камп, за прв пат се организира после долга пауза од некои 10 – 15 години и е од големо значење бидејќи за време на кампот ќе се практикува едукација за во реалниот живот на децата со тип 1 дијабетес.
-Децата ќе имаат можност да се едуцираат за тоа како да го менаџираат мерење на шеќер од утрина до легнување, каква исхрана да користат, која храна што содржи и со што можат да ја комбинираат, ќе стекнат вештини за спортски активности и најзначајно е всушност дружењето меѓусебе и запознавањето на децата со тип 1 дијабетес, додава Велев.
Исто така, сите учесници на Диа кампот мора да користат и CGM уред кој го обезбедува Министерството за здравство додека предност за кандидати за учество ќе имаат оние кои имаат поставено инсулинска пумпа дадена од министерството за здравство.
-Кампот ќе трае 3 дена со едукации и за спортски активности и за начин на исхрана како и едукација за користење на CGM уредите, популарно познати како сензори. Младите ќе бидат едуцирани како се инсталира сензорот, како се менаџира со него, како се читаат табелите, што значат профилите, резултатите и како да се насочат во текот на денот. Секако дека на кампот ќе има и општа едукација за култура, уметност, ќе креираат и присутни ќе бидат и повозрасни студенти со тип 1 дијабетес коишто ќе го споделат нивното искуство со учесниците за тоа како да се вмрежиме и тоа дека ние што имаме дијабет тип 1 не смееме да се криеме бидејќи сме еднакви со заедницата, додава Велев.
Диа кампот ќе се одржи од 20 до 23 септември, годинава, во Еко – кампот на велешко езеро Младост. Пријавувањето на учесниците ќе трае до 16 септември, понеделник, поточно се до пополнување на бројот на учесници.
-Пријавувањето се врши на емаил szdm.mk@gmail.com или на мобилен телефон на 070 448 718 Виктор Лукарски, со пријавата треба треба да бидат наведени Име и презиме на учесник/чка, мобилен телефон како и име и презиме од родител на детето учесник/чка, нивен мобилен број и е-маил. Избраните учесници на Диа Кампот ќе бидат контактирани директно преку нивните родители/старатели. Патните трошоци за учество на кампот ги покриваат самите учесници, додека целосното учество на Диа Кампот е бесплатно за учесниците. СЗДСМ обезбедува исхрана, престој со спиење, едукација од стручни лица и забавна – рекреативна програма за учесниците, објаснува Велев.
За сите дополнителни информации и комуникација за прашања испратете е-маил на szdm.mk@gmail.com или исконактирајте го раковорителот Виктор Лукарски на мобилен телефон на 070 448 718.
Стефани Манева