Специјална машина со дигалка ги спушташе професорите на Градежен факултет под мост на Башино Село, ги проверуваа главните носачи над водите на Вардар (видео и фото)
Експертски тим на Градежен факултет на УКИМ денеска повторно вршеше испитувања на главните носачи кои го држат коловозот на мостот кај Башино Село. Се прегледуваа здравите, се набљудуваа и фотографираа разјадените и кородирани делови од носачите во делот што се наоѓа над водите на река Вардар. Станува збор за вкупно 170 главни носачи – цементни греди, распоредени во 17 полиња од по 10. Сите тие се дел од распони од по 10 метри на мостовската конструкција со должина од вкупно 100 метри, појаснија експертите. Додадоа дека столбови има вкупно 11 од кои два се крајни и девет се средни столбови.Секој од средните столбови се состои од 7 поединичени кружни столбови.
Денешната работна активност е дополнителна и со неа треба да се утврдат сите разјадувања на бетонот и корозираната железна арматура под коловозот. За оваа градежна операција на тимот на Градежен факултет потребен му беше помош од машина дигалка со корпа. Во дигалката, која пристигна од Скопје, по тест пробата влегоа експертите. Таа ги спушти под коловозот на мостот додека ги извршуваа испитувањата. На мостот дојде и екипа од двајца пожарникари за да им стави на располагање на експертите јажиња и појаси, поради безбедно стоење во корпата на дигалката.
Се што денеска беше фотографирано ќе биде анализирано од тимот предводен од проф. д-р Горан Марковски декан на Градежниот факултет Скопје. Деканот ќе даде изјава штом заврши анализирањето и на оваа состојба на мостовската конструкција. Тоа најверојатно ќе биде на почетокот на наредната недела.
Мостот на Башино Село беше затворен пред неполн месец, поточно на 3 јануари годинава поради неговата нестабилност и ризичност по безбедноста на сообраќајот и на пешаците. Тогаш беше речено дека мора да се санира додека рокот беше предвиден за три месеци. Првиот месец истекува во понеделник на 3 февруари, годинава.
Убавка Јаневска