Сушата предвреме го обра родот од лозјето

Родот на лозовите насади кои не се наводнувани е оштетен 100 отсто – оценуваат од здружението „Напредни лозари“. Tие вината за ваквата состојба ја префрлаат, како што велат на лошoто менаџирање со водостопанското претпријатие и немањето вода за наводнување во каналската мрежа.
– До 60% е намален и родот кај оние лозови насади кои добиле вода само еднаш а такви ги има многу, стои во заклучоците кои ги донесе здружението на седницата одржана синоќа.
Понатаму од ова здружение истакнуваат дека таквите лоши состојби се должат на повеќедецениската негрижа и неодржување на постоечките системи за наводнување и немање односно неспроведување на државни стратегии за поттикнуавање на инсталирање на системи со помала потрошувачка, како системите капка по капка и контрола на количините потрошена вода за наводнување по пат на вградување на мерачи, односно водомери на пример.
Апелираат до надлежните во локалната самоуправа и во МЗШВ, итно, до почеток на бербата на вранецот да се изнајде начин, лозовите насади кои ги опфаќаат системите за наводнување да се обезбедат со количините вода потребни да се спаси родот.
Исто така се бара оваа година да се предвидат дополнителни финансиски средства за покривање на штетите настанати со сушата и да се изврши субвенционирање на системите за наводнување капка по капка. Воедно да се стимулираат лозарите за поставување на вакви системи и преку подрастично намалување на цената на коштање на наводнувањето по хектар лозов насад преку системот капка по капка.
Aнгел Данов
