Свечено пуштен во употреба Скијачки центар „Михајлово“
Центарот располага со ски стаза, ски лифт и сите неопходни елементи за скијачки центар. Местото е оддалечено околу 35 километри од Кавадарци. На свеченото пуштање во употреба присуствуваше премиерот Христијан Мицковски.
– Ова е исклучително голема можност за кавадарчани, но, не и само за кавадарчани. Од сите краеви на државата ќе дојдаѓаат да уживаат во овие прекрасни природни убавини и да се рекреираат. Навистина би сакал ова да биде само еден почеток, а понатаму уште повеќе да се развива и самото место и регионот, затоа што самата планина и сето ова што е околу оваа ски-патека е природна реткост, рече премиерот Мицкоски.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев вели дека од оваа зимска сезона, во „Михајлово“ ќе може да се ужива во зимските спортови, покрај во убавините на природата на Кожуф планина. Ски центарот, како што посочува Јанчев, е проект ветен во предизборната програма.
– Кожуф планина е благодет за општината и државата. Тука е детското одморалиште „Михајлово“, ова важи за воздушна бања. Кон активностиte на терен пристапивме откако претходно ги добивме сите дозволи од надлежните институции. Кожуф како планина, во овој дел држи доста снег, речиси преку целата зима има снежна покривка. Сезоната може да се продолжува и со вештачки снег, вели Јанчев.
До скијачкиот центар организиран е превоз од Кавадарци, од страна на јавното претпријатие „Градски превоз“, со возен ред којшто почнува во 8:30 часот. Повратен билет ќе чини 280 денари, а за оваа линија нема да важат мерките за субвенционирање за пензионери и ранливи категории на лица. Во текот на денешниот ден ќе сообраќа само линијата до „Михајлово“, а сите останати градски и приградски линии, нема да собраќаат.
Патеката што во текот на зимата ќе се користи за скијање, в лето ќе може да служи за спортови со велосипед и други спортски и рекреативни активности. Со возилаод снег се чистат патните правци кон селата Страгово, Бохула,Чемерско, Михајлово и Мрежичко, заради безбедно одвивање на сообраќајот за сите кои гравитираат во овие делови.
Со ски-центарот ќе стопанисува спортскиот центар „Јасмин“. Теренските работи на ски-центарот се донација од компанијата „ЈА МИ“ – Кавадарци, а инвестицијата е донација од 231.660 евра од кои 115.000 евра се од Комерцијална банка, а 115.000,00 евра од „Кожувчанка ДОО“.
Ангел Данов