СВР Велес: Полицијата постои за да биде во служба на заедницата, да креира побезбедна средина за граѓаните
Сектор за внатрешни работи Велес, денеска, ја започна кампањата насловена „МВР за граѓаните – заедница, доверба и одговорност“, којашто има за цел полицијата повеќе да се зближи со граѓаните. Полициското работење со заедницата, значи градење на партнерство кое се базира на доверба помеѓу полицијата и граѓаните, а планската соработка придонесува за спречување на криминалот, при што резултатот е зголемена безбедност и подобар квалитет на живеење, нешто што сите заеднички го посакуваме.
Портпаролот на СВР Велес, Ристе Самарџиев, рече дека основната фунцкија на полицијата во секое демократко општество е спречување и открвивање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, одржување на јавниот ред и мир, заштита на правниот поредок, заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓаните загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори.
– Довербата во полицијата се зголемува, тоа го покажува статистиката, а кон тоа придонесува и зголемената ефикасност на полицијата во повеќе области и генералното намалување на криминалитетот. Секторот за внатрешни работи Велес во изминатите години бележи прогрес во ефикасноста на работењето, што сигурно дополнително ја зголемува довербата на населението кон полицијата. За споредба, во 2020 вкупниот процент на ефикасност во работењето на Секторот за внатрешни работи Велес изнесувал 36,9 %, за да во 2021 година прерасне во 43.3 %, а во 2022 година се зголеми на вкупно 45,2 % ефикасност, поради што веќе можеме да кажеме дека бележиме континуиран тренд на зголемување. Зголемување на процентот на откривачката дејност кај кривичните дела на недозволена трговија со дрога за 47.5% во 2022 година споредбено со 2021 година, и намалување на вкупниот број на кривични дела даваат само дополнителен мотив плус за уште подобри резултати во работењето на Секторот за внатрешни работи Велес, што секако ќе придонесе за зголемување на довербата на населението и граѓаните кон полицијата, додаде Самарџиев.
Исто така, се осврна и на работењето на полициските службеници кои се највидливиот дел од секојдневното полициско работење, поточно, униформираниот дел на полициските службеници.
-Со нивните активности тие можеби и најмногу придонесуваат за поактивна комуникација со заедницата, а со тоа и зголемување на довербата на граѓаните кон полицијата. Само ќе напоменам дека изминатите години Одделението за полиција при СВР Велес континуирано и во тренд одржува поволен и стабилен јавен ред и мир без никакви осцилации во бројките, а особено радува вкупниот статистички податок на Полициските станици за безбедност во патниот сообраќај на подрачјето на СВР Велес во првото тромесечје (за месеците јануари, февруари и март) од тековната 2023 година, според кој бележиме двојно намалување на бројот на сообраќајни незгоди и бројот на жртви. Така, во првото тримесечје за изминатата 2022 година на подрачјето на СВР Велес се регистрирани вкупно 130 сообраќајни незгоди и 3 жртви, додека нивниот број во тековната година 2023 за последните три месеци изнесува 76 сообракајни незгоди без ниту една регистрирана жртва од сообраќајна незгода, што е намалување за -41,54 % во однос на лани. Ваквите позитивни бројки се не само резултат на засилените сообракајни активности и контроли, но и на ставањето засилен акцент на Министерството за внатрешни работи на превентивната компонента во работењето на полициските службеници од Отсеците за превенција во соработка со невладиниот сектор, општините, образовните и други релевантни институции со цел едукација на населението и рана превенција како во делот на криминалитетот така и во сообраќајот, додаде Самарџиев.
Инаку, доколку се случи некој полициски службеник да не постапи според професионалните стандарди, да ги надмине своите овластувања или да биде ускратено некое со закон загарантирано право на граѓаните, секој граѓанин има право да поднесе жалба или претставка до Одделот за внатрешна контрола, криминални истраги и професионални стандарди на МВР. Одделот ќе изврши проверка на наведеното и доколку се утврди одговорност, вработениот ќе биде санкциониран.
-Секако, тука е надворешниот механизам за контрола на полицијата, кој како дел од реформите придонесе кон поголема контрола врз нејзиното работење, преку посебното Одделение во рамки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за истражување и гонење на кривични дела сторени од страна на лица со полициски овластувања, како и преку Народниот правобранител, додаде Самарџиев.
Оваа кампања, од денеска се промовира по сите сектори за внатрешни работи низ државата.
Стефани Манева