Тутунџиев: „Граѓаните засега ги почитуваат мерките за движење низ шума, да ги заштитиме шумите од пожари“

Објавено на 26 јули, 2023 во 15:47

Граѓаните на Велес и Чашка запознати се и се придржуваат на превентивната мерка, делумна забрана за движење на граѓани во шума. Мерката пред 10 дена ја соопштија ЈП „Национални шуми“ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Граѓаните потребно е при секое влегување во шумски насади да се пријават и од Шумско стопанство „Бабуна“ да добијат дозвола. Дозволата мора да ја имаат освен граѓаните кои берат шумски плодови, чаеви и печурки исто така и додека планинарат, пешачет или туристички ги посетуваат шумите.

„Потребно е граѓаните да поднесат барање во ШС„Бабуна“ и за десет минути добиваат дозвола за движење низ шуми. Издаваме групни одобрениј ако се работи за групна рекреативна посета на планинските излетнички места или поединечна доколку станува збор за собирачи на шумски плодови. Од 18 јули до денеска во ШС„Бабуна“ се поднесени 35 барања, од нив петнаесеттина се од групи на граѓани додека останатите се на поединци. Ние го евидентираме датумот и часот на престој во шума, подрачјето на кое се наоѓа шумскиот појас и бројот на граѓани кои влегуваат на побараните делови од подрачјата во велешко, во Чашка и во Градско,“ рече Ордан Тутунџиев раководител на ШС„Бабуна“.

Ова е начинот на кој шумарските работници ја обезбедуваат контролата над шумите на територија од 55 илјади м2 под шума колку што велешкото јавно претпријатие има обврска да контролира. Така се постапува поради тропските температури и превентивно се штитат дрвјата од евентуални пожари. Шумите се надгледуваат и преку посматрачници лоцирани на ридот „Свети Илија“ и месност во близина на село Оморани. Дума.мк го прашаше Тутунџиев дали се доволни само две посматрачници за надгледување на 55 илјади метри квадратни шума?

„Ги задоволуваат потребите затоа што поседуваат големи опсег и видливост како и покривање на целата територија под шуми во реонот што го имаме под надлежност а тоа е од Велес до Азот и до Клепа.Исто така шумочуварите и шумарските полицајци како и редовната полиција вршат редовни контроли на движење низ шума,додаде Тутунџиев.

До денеска нема појава на неодговорно однесување на граѓани низ шумски предели. Исто така не е регистриран ниту еден случај на фрлен опушок од цигара, запален оган за скара или друг вид на неодговорно однесување на граѓани. Континуирано се реализираат и едукации на граѓаните, се делат флаери и се јакне граѓанската свет за спречување на несакана појава на пожари велат од ШС„Бабуна“. Во исто време се надеваат дека тоа нема да се случи ниту во преостанатиот временски период на лето со тропски температури. Од таму повторно апелираат:

„Ги молиме сите граѓани независно дали се рекреативци, собирачи на шумски плодови, излетници или туристи да не палат оган на отворено,да не фрлаат запалливи материи и отпушоци. На тропските горештини само мала искра е доволна за да пламне шумата. Со шумската и редовната полиција реализираме едукативна кампања „Лето без пожари“ и преку флаери граѓаните ги информираме за сите мерки со кои треба заедно да ги заштитиме шумите. Очекувам како и досега така и понатаму граѓаните да продолжат да бидат примерни и да придонесат за целосна заштита на шумите или еколошки речено „белите дробови“ на градовите и населените места,“ додаде Тутунџиев.

Досегашната покажана претпазливост на граѓаните особено му значи на велешкото шумско стопанство па затоа очекувањата се дека високо развиената еколошка свест треба да биде секојдневно практикувана.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.