УЈП денеска ја деблокираше жиро сметката на велешка „Колска“
По неколкумесечна блокада УЈП ја деблокираше жиро сметката на фабриката за шински возила „Велес“ од Велес. На деблокадата и претходеше донесената одлука за одобрување на средства за финансиска помош од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година ,донесена на Влада на РСМ, на 30 декември минатата година коишто ден подоцна беа уплатени од депозитна сметка на Министерство за финансии на сметката на Управата за јавни приходи, потврди за Дума.мк директорката Сања Лукаревска.
На новинарските прашања во писмен одговор УЈП додава дека уплатените финансиски средства ги распоредила 30 милиони денари на жиро сметките на “Колска“.
„По уплата УЈП ги распореди средствата на правилните сметки согласно редослед на намирување односно најпрво за таксите од решенијата за присилна наплата за кои обврзникот беше блокиран, потоа камата и главен долг по видови даноци. Даночниот обврзник достави барање за репрограм, по кое согласно интерните процедури за издавање на репрограм ,УЈП издаде нов налог за процена на имотот кој е заложен претходно во фаза на репрограм, и донесе решение за репрограм на обврзникот. По донесување на овој репрограм се пристапи кон донесување на решенија за запирање на постапката за присилна наплата од парични средства, со што обврзникот е деблокиран и има можност износот на долгот да го отплаќа на рати“ пишува УЈП во одговорот на новинарските прашања на Дума.мк.
Сега единствената македонска фабрика за поправка на товарни и патнички железнички вагони ќе може да работи без проблеми. Особено да ги наплаќа извршените услуги и да исплаќа редовно плата на 90 вработени.Исто така ќе може да ги подмирува сметките за потрошена електрична енергија и вода, да обезбедува огрев за работниците кои зимава работат во погони кои ги затоплуваа само со струг и по некое дрво затоа што немаа пари за набавки на огрев и за репроматеријали.
Фабриката со цесии ги затвораше фактурите со „Оилко“ од кои досега се плаќаа обврските кон ЕВН и ЈКП „Дервен“ затоа што секој денар што пристигнуваше на блокираната жиро сметка на УЈП го запленуваше на име на стар долг за неплатени даноци.
По владината финансиска помош од 30 милиони денари сега на „Колска“ и останува да отплати од стариот, децениски долг, уште толку. Главницата ќе ја отплатува на 36 месечни рати кои ќе изнесуваат по 833 илјади денари или скоро половина од претходно пресметаната во висина од 1милион и 700 илјади денари.
Тоа нема да биде толку голем товар откако годинава со посредништво на владата договорено е во погоните на „Колска“ ЈП„Македонски железници“ – Транспорт да донесе на поправка 120 товарни и 4 патнички вагони додека работниците ќе даваат услуги и на Инфраструктура.
Вработените во велешката фабрика за шински возила знаат и за можноста за влез и на инвеститор. Засега се споменува името на струмичката фирма „Жикол“. Но дали тоа е така треба да се знае набрзо.
Убавка Јаневска