Без политика до компромис: За проектот „Плата по учинок!
Штрајкот на лекарите да прекине и двете страни да се договорат што понатаму, побара Здружението на приватни лекари на Македонија.
На ваков чекор приватните лекари се одлучиле бидејќи пациентите најмногу трпеле од некоординираноста на министерството за здравство од една страна и јавните здравствени работници од друга страна. Сметаат дека тие мора да седнат на маса и да договорат како ќе се спроведува проектот „Плата по учинок“.
„Факт е дека овој проект има пропусти и сметам дека и двете страни мора да се договорат, искрено без вмешување на политика во целата ситуација. Проблемот мора да се надмине во интерес на нашите осигуреници. Уште еднаш ќе кажам дека здравствениот систем мора да е на прво место за било која влада и не смее да се дозволат моменти во кои тој нема да функционира“, вели д-р Лилија Чолакова Дервишова, председател на здружението на приватни лекари на Македонија.
Во меѓувреме матичните лекари извршуваат 80 проценти од работата, но сепак оние пациенти кои мора да се упатуваат на скопските клиники, каде се одржува штрајкот, ги советуваат залудно да не патуваат до таму. Инаку денеска дел од лекарите во земјава штрајкуваат противејќи се на идејата на министерството да земаат плата според бројот на примени пациенти.
