Велешките ракиџии се поретки, домашната ем евтина, ем не оди !
Велешанецот Анѓел Серафимов има седумдесет ама како да е десет години помлад. Речиси цел живот прави ракија, ја продава, ама и ја пие. „Си пивкам, си пивкам, редовно“, рече Серафимов.
{youtube} http://www.youtube.com/watch?v=BpUQedmreaQ|500|281|0{/youtube}
Спроти неговата казарница е и онаа на Слободан Спасов. И двајцата се расположени да ни раскажат како се вари ракија. Мајсторлук голем велат нема, грозјето се остава да отстои 40 дена и потоа комењето се става в казан на огин. За еден час протекува ракија. Слободан сака анасонка, па става и анасон, Анѓел е повеќе за грапа, а различни се и казаните кои ги имаат.
„Мојот казан е подвижен, го купив од Свети Николе во 2003 година и добро ме служи до сега. Многу сум задоволен од мајсторот“, рече Спасов.
Казанот на Анѓел пак е неподвижен, го ѕидал сам.
„Сам го правев и го дотерав. И сега мака немам, единствено фали едно креветче да си легнам тука. Или пак куќата ми е близу па на два часа доаѓам и само надгледувам како ракијата си тече“, рече Серафимов.
Но и двајцата се жалат. Пресметуваат, водат евиденции веќе десет години, но како последниве и покрај тоа што казаните добро пуштаат, купувачи нема.
„Ланската ракија стои сеуште. Дури ни по четврт литар не земаат“, вели Спасов.
„Сега сварив речиси 260 литри ракија, што да и правам така ми стои тука? Дури веќе немам ни буриња да ја соберам“, рече Серафимов.
Велат дека се помалку луѓе ја продолжуваат традицијата на варење домашна ракија.
„Па ова изумира полека. Кај што ми е лозјето имаше и друго, но повеќе никој не го работи. Не им се работи на младината“, рече Спасов.
Сепак духот не ги напуштил овие луѓе. Четириесетина дена ги минат во друштво со секој добронамерник.
„Бидејќи казарницата ми е на улица, кој и да помине го викам бујрум на ракија. Некои доаѓаат некои не, не е битно. Важно ги частам, како што викаат старите, сега е гумното, сега се врши“, рече Серафимов.
Овие домаќини и нас не испратија срдечно. Велат за секој кој дојде има по некоја чашка. Лесно ќе не најдат оти цела есен улицата мириса на пресна ракија и комење, се пошегуваа.
