Традицијата продолжува: Првомајските излетници и годинава го преплавија езерото Младост!
За разлика од порано, кога за излет на брегот на езерото, место се зафакаше од вечер годинава состојбата беше порелаксирана. На плажите покрај езерскиот брег место немаше но, затоа можеше да се најде во боровата шума над патот кој води кон угостителските објекти.
И годинава се повтори сликата од неколку изминати години кога најбројни меѓу излетниците на први мај се најмладите граѓани. Дел од нив ја отворија сезоната за капење и беа меѓу првите кои запливаа во матната вода на Младост, поради цутењето на алгите. Но и тие ја покажаа скараџиската способност печејки кебапи, плескавици и колбаси.
„Не го правиме ова првпат. Сефтето го направивме лани на први мај кога ни помогнаа повозрасни луѓе кои исто како нас беа на Младост. Потоа со другарите се собравме уште неколку пати и видовме дека можеме да испечеме скара. Ја правиме и годинава. Мислам дека ке биде одлична. Кој знае нас ни е вкусна кога ќе се вратиме од првото капење барем досега никој од другарите не се пожалил,“ рече Мартин.
Тој и неговите другари се помислија пред да одговорат зошто денеска се тука и што празнуваат но се снајдоа со одговор дека доаѓањето на 1 мај на велешко езеро е традиција која ја наследиле од нивните родители.
Денеска на езерскиот брег немаше граѓани кои не ја распалија скарата. Сите празнуваа со кебапчиња, плескавици и со пиво.
„Зелената салата како предјадење со чашка ракија и секако скара со пиво тоа е нешто што го правиме секоја година. Денеска е ден за собирање на цело друштво како и на гости кој ни доаѓаат од други градови,“ рече Илија. Негов гостин беше братучед му Васил, роден велешанец, кои живее во Скопје. „Дваесет години редовно со семејството доаѓам на секој 1 мај. Ова е ден кога можам да се видам со роднините во Велес, да уживам во природа,на чист воздух и секако да се релаксирам со добар муабет, што би рекле ние велешани,“ рече Васил.
Имаше граѓани што денеска работеа на Младост. Тоа беа продавачите на скара, сладоледџиите, зурлаџиите Арзиови и Пампурот, продавачот на шекерни јаболка, сусамки и лижавчиња.
„Добро е, сеуште се продаваат моите производи. Еве децава трчкаат околу мене и купуваат. Порано беше подобро имав поголема заработувачка но, не се жалам ни сега. Само нека доаѓаат луѓе на празникот и нека има дечиња, ако не врне ќе капне нешто, задоволен сум,“ рече овој традиционален продавач од Велес.
Македонските народни песни од зурлата и тапанот на Арзиови се слушаа долж брегот на езерото на почетокот на Младост. На другата страна, на крајот на езерото, полни беа и угостителските објекти. Гости имаше најмногу од Скопје како и од цела Македонија. Најголем дел од нив доаѓаат на празничен ручек но остануваат додека не се стемни, задоволно велеа шефовите на рестораните. /Б.Н