Камперите на велешко извисија, општината ги брка за да го исчисти теренот за хотели!
Објавено: 15 јуни, 2013, во 11:46 часот
Дивата камп населба крај Езерото Младост да се расчисти за еден месец.
Овој рок им го даде општината на камперите кои со години летуваат на велешко. Тие пак се револтирани од локалната власт пред избори им ветувала дека ќе ги остави на мира, а сега токму на почетокот на летото го прави спротивното.
„Каде да одам јас на одмор, со една пензија ја гледам цела фамилија. Ова се стресови за мене што имам преживеано инфаркт, за ова ли го гласавме градоначалникот за да не брка од тука, а од деведесетите години сме за неговата партија“, рече камперка.
„Каде сега да одиме кога е на почеток на летото, да не оставеа бар уште сезонава да ја истеравме тука“, рече кампер.
Камповите треба да се отстранат бидејќи парцелите се наменети за нови хотели и мотели. Општината сравува дека моменталната грда слика на Велешко ќе ги избрка инвеститорите.
„Делот во кој се наоѓаат има поставено цврсти делови, како што се огради, церади, тенди и мора тоа да се отстрани. Слободно може да се каже дека ова не остава пријатна слика и поради тоа потребно е да се расчисти просторот“, рече Мартин Мајсторов, портпарол на Општина Велес.

Камперите пак решение гледаат во изградба на авто камп. Ја повикаа општината да им обезбеди место каде ќе ги дислоцираат приколките, да изгради инфраструктура, за што тие се подготвени да платат за користењето на просторот.
„Приколката нема каде да ја носам оти по закон не смее да стои во градот. Нека ни обезбедат простор каде да ги ставиме, а и би требало да останеме тука. За тоа ќе плаќаме на општината и така ќе биде најбезболно за сите“, рече кампер.
Проблемот со дивите кампери се провлекува веќе триесетина години. И покрај обидите за решавање кога во неколку наврати им беше одреден надомест кои и го плаќаа на општината камперите не успеаја да издејствуваат изградба на модерен авто камп. Такво барање сега општината испратила до министерството за транспорт и чека дозвола од таму./Б.Н.



