Откриени мигранти на автобуската станица во Велес
Објавено: 20 јули, 2013, во 13:51 часот
Претпладнево, околу 10 часот и 40 минути, велешката полиција откри тројца илегални мигранти, кои со автобус на „Струмица експрес“ патувале на релација Струмица – Скопје.
По претходна добиена пријава, полицијата извршила контрола на струмичкиот автобус на автобуската станица во Велес, по што ги задржала илегалците, најверојатно државјани на Пакистан.
Странските државјани имале купено автобуски билети за Скопје, а полицијата се обидува да открие која е нивната крајна дестинација.
Илегалците знаеле делумно англиски, па комуникацијата се одвивала полесно. Откриените мигранти биле на возраст од 25 до 30 години.
Тие ќе бидат префрлени во Прифатниот центар за странци во Кавадарци, рече Александар Костов од СВР Велес. Потоа, по одлука на судија за прекршоци ќе треба да бидат депортирани од земјава во нивните земји или во Грција, од каде што влегле во Македонија.
Во изминатиов период, полицијата во неколку наврати откри илегалци во автобусите на „Млаз“ од Богданци, кои патувале кон Скопје, а потоа кон кумановскиот крај од каде што заминуваат кон соседна Србија.
Во текот на вчерашниот ден полицијата спроведе акција за откривање на илегални мигранти во кумановско, каде што беа приведени странски државјани но и локални жители кои ги префрлале илегално преку македонско – српската граница.
Саше Димовски


