Киоскот кај „Жани“ преместен на дива локација, станарите на зградата повторно бараат интервенција на градежниот инспектор

Објавено на 22 јули, 2013 во 10:07

Под прозорите на станарите на улица Благој Ѓорев 87 поставен е киоскот за кој пред два месеци поднесоа барање до општината да го стопира дивото поставување на бетонскиот постамент. Тогаш граѓаните се жалеа на уништеното зеленило и одземениот дел од дворното место. Од општината добија ветување дека изградбата на бетонската плоча ќе биде запрена а на граѓаните кои ја превзеле дивата изградба ќе им биде испратено решение за стопирање.

– Но, тоа не се случи. Наместо да сопре работата продолжи со тоа што повторно на диво во рани утрински часови со дигалка беше пренесен киоскот од едната на другата страна на  улицата. Од страната на популарно нареченото место Ќоше на нашата страна. Нема никакви реакции од страна на локалната власт, градежниот инспектор и инспекциските служби до кои поднесовме повеќе барања за запирање на градбата па и за поставувањето на киоскот. Последното барање го поднесовме на 18 јули и до денеска нема реакција. Значи секој работи што сака а оние кои се одговорни за урбаниот ред не реагираат, револтирано објаснуваат жителите на зградата.

Градоначалникот Славчо Чадиев е запознат со дивата изградба на бетонската подлога на киоскот. Тој вели дека разговарал со преставници на станарите од зградата на Благој Ѓорев бр. 87.

– Оној момент кога општина Велес ќе добие пријава дека е поставен киоск нашите инспектори ќе излезат на терен и ќе постапиме согласно со законот. Ако е спротивно на законот ќе ја тргнеме. Нема да дозволам  на главната улица да се поставуваат објект со кои ќе им се нарушува просторот за движење или за друга намена на граѓаните, рече Чадиев.

Граѓаните пак велат дека поминале четири дена од поднесеното барање за дислокација на диво поставениот киоск но до денеска тие не виделе дека е извршена инспекција на лице место. Повторно најавија дека ќе одат во општината и ќе бараат градежниот инспектор да ја санкционира дивата градба./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.