Уште едена гаража преадаптирана во продавница на главната градска улица
По трите спорни, под плочата на комплексот згради Убавици, на главната градска улица од неодамна има уште една, четврта продавница. Тоа значи дека на „Благој Ѓорев“ исто толку гаражи се преадаптирани во деловен простор. И сопственикот на четвртата продавница во гаража го урнал зеленилото на тротоарот за да изгради скали. Тие се каскадно изведени со два простори за одмор. Во сите овие нови подрумски продавници се изведуваат градежни работи, се поставуваат плочки.
– Тоа се диви објекти кои нема да добијат решение за работа. Нема да издадам решение за поставување на вода и приклучок за електрична енергија, рече градоначалникот Славчо Чадиев одговарајќи на новинарско прашање.
И покрај предупредувањето на градоначалникот граѓаните продолжуваат да ги преадаптираат гаражите во деловен простор. Тие не го почитуваат законот кој не дозволува пренамена на гаража во деловен простор. Со нивните постапки продолжуваат да вршат атак и на градското зеленило. /Б.Н