За бездомните животни во градот потребни се стационар и грижа од граѓаните
Велешанките Пандорка Пајдакова и Татјана Трчкова имаат домашни миленичиња. Во семејството Пајдакови тоа се две мачиња кои ги нашле на улица, ги вдомиле и се грижат за нив. Досе го добил името затоа што е многу досаден а Бенко затоа што има бенка на лицето. Грижата која возрасните членови ја покажуваат кон овие животни е пренесена и на децата.
– Особено е убаво да гледаш кога по тревникот во дворот трчаат децата дека по нив трчаат Досе и Бенко. Се што треба да направите за миленичето е еднаш дневно да му дадете храна. Човекот знае дека повредата единствено ќе ја санира лекарот и оди кај него. Животните не можат тоа да го направат.А што би постигнале кога би повредиле бездомно животно? Само би му нанеле болка, рече Пајдакова.
– Кога татко ми се јавува на телефон ме прашува како е твоето семејство и притоа мисли на домашните миленичиња кои ги чувам. Чувам пет мачки и три кучиња. И зошто го правам тоа? Па љубител сум и тоа е домашно воспитување и сметам дека тоа повеќе е генетика. И социјализацијата придонесува за љубов кон животните, рече Трчкова.
Овие две велешанки заедно со стотина други љубители на домашни животни синоќа беа дел од хуманитарниот музички хепенинг организиран од активисти на „Гласот на животните“. Се одржа во Младински парк со порака цел да се мотивираат граѓаните да не ги убиваат и оставаат кучињата и мачките на улица туку за нив да се грижат. Магдалена Ѓоргиева беше дел од организацијата.Таа побара општината да изгради стационар за животни.
-Бараме стационар во кој животните би биле третирани и би била формирана компанија за нивно вдомување. Таа компанија ќе следи да не дојде до нивно повторно напуштање со што би се спречило зголемувањето на бројот на бездомни животни на улиците во градот, рече Ѓоргиева.
Во моментов на улиците во Велес има околу 800 бездомни кучиња. Бројот на мачки не се знае.Виновни за ваквата состојба се луѓето бидејќи тие ги оставаат животните на кои може да им се помогне во колку прво се кастрираат а потоа преку стационарот најдат семејство кое ќе сака да ги прифати, порачаа од невладината Гласот на животните.
Синоќешниот настан имаше едукативен карактер бидејќи беа делени информации на граѓаните и хуманитарен поради собраните доброволни прилози од кои ќе се купува храна за бездомните животни во градот. На хепенингот настапи танчерското друштво „Анабела“, Мики Секуловски и Орхидеја Дукова а екстра шоу имаа момчињата од „Паркур“./Б.Н