ДЗСИ: Во болницата во Велес не се почитувал Законот за заштита од пушење

Објавено: 31 јули, 2013, во 13:53 часот

Државниот здравствен и санитарен инспекторат по извршените вонредсни контроли во велешката болница констатирал дека не се почитува законот за заштита од пушење од вработените во болницата.

Како што сооптшуваат од инспекторатот  во одделението за невропсихијатрија во просторијата која функционира како заедничка просторија и која е означена како работна соба, од страна на инспекторите било забележано присуство на чад од цигари, а во корпата за комунален отпад биле затекнати картонски кутии од цигари, како и неколку отпушоци.

Во Дневниот центар за третман и рехабилитација на дроги и психотропни супстанци во состав на истото одделение,  на приземјето од деловната зграда каде влезот се дели со пациенти за преглед во специјалистичко-консултативната амбуланта се затекнати многу отпушоци од пациентите на метадонска терапија.

Од надзорот над хируршкото одделение во болницата се констатира дека поголем дел од докторските соби се заклучени и неозначени, додека во една од докторските соби се констатирани исто така повеќе отпушоци во корпата за отпадоци кои се фотографирани. Докторската соба е затекната во лоша хигиенска состојба, присуство на чад и непријатна миризба на тутун, посочуваат од ДСЗИ.

Поради сите овие констатирани неправилности и недостатоци од законот за заштита од пушење ќе биде поднесена прекршочна пријава до болницата.

Овој вид прекршок се санкционира со  глоба од 2.000 до 4.500 евра, во денарска противвредност за установата. За директорот на установата како одговорно лице е предвидена глоба од 500 до илјада евра, додека за физичко лице од 150 до 300 евра, во денарска противвредност.

Од инспекторатот најавуваат засилени контроли и во наредниот период во други здравтсвени установи.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.