`Рлевчани бараат општината да им создаде минимум услови за живот во селото
Водовод, одвод и пат бараат жителите на селото `Рлевци. Таму сега живеат триесеттина стари жители откако претходно се одселија 270 луѓе. И покрај тоа што ги надвасале годините храбрите `Рлевчани рекоа дека нема да го напуштат родното огниште во кое само бараат пристојни услови за живот.
Тие побараа од општината да го направи патот и да постави водовод и канализација. Тоа ќе биде олеснителна околност за нив но и за повеќемина граѓани кои сега живеат во Велес токму поради лошите услови за живот во селото. Меѓу нив има луѓе кои сакаат да се вратат и да живеат во `Рлевци. Тоа се работници кои во транзицијата останаа без работа во велешките фирми и едвај преживуваат во градот. Затоа сакаат да се вратат во родниот крај каде имаат земја која можат да ја обработуваат и да остварат приход. И сега голем дел од нив скоро секојдневно одат во селото и ја работат земјата.
На нивна иницијатива е формиран одбор кој ќе ги претставува пред институциите. Велат ако треба ќе бараат помош и од Владата, за повторно да го вратат животот во селото.
Селото`Рлевци од Велес е оддалечено 18 километри а сместено е во шумски појас на планината Бреза./Б.Н