Велешани наместо на одмор летово на печалба, најчесто во Германија и Словенија
Неколку стотици велешани ова лето заминаа на работа во странство. Во Словенија отидоа заварувачи, монтери, ѕидари а медицински сестри, лекари, електро инжинери и информатичари во Германија. Најголем дел од нив ги искористија поволностите на евтините летови на компанијата Виз ер и полетаа од аеродромот во Скопје. Има и такви кои поради пребукираноста на овие летови ја користеа исто така нискобуџетната компанија Рајан ер и полетаа од аеродромот во Солун. Преставници на двете компании во Велес велат дека само малкумина од нив извадиле билет во два правци додека сите останати заминале со билет во еден правец.
Има лекари кои сега се подготвуваат да заминат на печалба во Германија. Ним таму им се нуди годишна плата од 45 до 50 илјади евра. Интензивен курс по германски јазик во градот учат и десеттина медицински сестри, физеотерапевти и лаборанти. На објавени огласи од страна на болници во Германија нив им се нуди годишна заработувачка помеѓу 24 и 30.000 евра.
Телефонски повик од своите колеги очекуваат и градежни работници од неколку фирми во градот. За сите нив примамлива е месечната заработувачка во Словенија бидејќи велат дека е неколкупати повисока од платата која ја добивале во градот.
– Најчесто во Словенија се нуди работа на саатнина. Значи како ќе се договориш, се разбира, квалификацијата ама и тоа што умееш да сработиш, игра голема улога при добивањето на работата. Ако во Велес месечно се заработува помеѓу 12 и 15 илјади денари, добрите мајстори добиваат и 18 поточно 20 илјади денари, тогаш во Словенија може да се заработи двојно па и три пати повеќе. Наши колеги кои заминаа во мај годинава се презадоволни. Тие се убедени дека ќе најдат работа и во зимскиот период значи кога официјално ќе заврши градежната сезона, рече градежен работник во Велес.
Во градот живеат и неколку илјади граѓани кои работат во Скопје. Деновиве беа објавени неофицијални податоци според кој бројката на работно ангажирани велешани во македонската метропола се движи околу 7.000. На најголем број од нив работодавец се државните и јавните претпријатија а помал дел се вработени во приватни фирми./Б.Н