Мрежа од кабли, честа глетка, на градските улици
Кабли висат од сите страни на градските улици. Дел од нив се поставени толку ниско што се допираат со раце. Жештината ги олабавува и спушта од првично поставеното ниво, велат велешани. Тие тврдат дека не се плашат но сметаат дека градот треба да воведе некаков ред бидејќи каблите создаваат грда глетка.
– Еве овде од мост Гемиџии скоро до Мало мовче морате да минете додека над глава ви висат десеттина жици. Мислам дека се на кабелските оператори. Не се плашам ама сметам дека вака не треба да биде. Зошто не се вкопуваат во земја, прашаа граѓани кои живеат во овој дел на градот.
– Мислам дека глетката е иста насекаде, но за разлика од главните улици се претера на маалата. Што е многу, многу е. Чии да се, овие кабли се закачуваат на дрвени столбови, минат преку улици, под мостови, над мостови и насекаде има само жици, рече граѓанин.
На бетонската конструкција на мостот Гемиџии, веднаш до железничкиот премин, има снопови од закачени кабли. Од таму минат под мостот, кој служи како платформа за премостување, за да продолжат кон месноста Дворови.
Глетката не е поразлична ниту во останатите сокаци и маала во Велес. Електрични, кабли за телефонија и за пренос на телевизија се испреплетуваат во воздухот.
Од општината велат дека од неа одобрување бараат само кога кабли треба да се постават на канделабрите врз кои имала надлежност додека за електричните столбови надлежна била ЕВН. Раководителот на одделението за комунални работи Коста Настовски најави дека инспекцијата ќе изврши увид и во најскоро време ќе предложат решение и нормативи за поставување на кабли низ градските улици.