Гужви и нервозни патници на патарините кај Отовица и кај Градско
Гужва од возила и нервозни патници во километарски колони вечерва на патарината Отовица на автопатот Гевгелија – Скопје. Огромен број возила со часови чекаат да ја поминат наплатната рампа. Навалицата започнала доцна вечерва и најчесто се туристи кои се враќаат од Грција, па има српски, турски, чешки, полски но и возила со домашни регистрации. Гневни се бидејќи истата состојба ја затекнале и на граничниот премин Богородица.
– Националниот македонски медиум не објави дека има гужва. Радио слушавме во Грција и денеска немаше никаква информација дека кај нас во Македонија ќе не пречека ваков хаос. Се измалтретиравме и ни и децата. Едвај чекаме да стасаме во Скопје, рече Македонка.
– Што да ви кажам, почна на граница и еве ова е трето чекање. Чекавме три часа на граница, потоа 40 минути на претходната и еве сега 30 минути на оваа патарина. Со две деца сме а пат не чека, рече возач на автомобил од Белград, во Србија.
Од патарината рекоа дека состојбата била иста како и претходната вечер кога фрекфенцијата на возила била огромна по автопат а траела се до еден часот по полноќ. Се претпоставува дека најголем дел од возилата се на гастербајтери од Турција кои наместо преку Бугарија за да стигнат во западно европските земји одлучија да патуваат низ Македонија. Има информации дека медиумите во Турција објавиле за големи гужви и хаос на граничните премини со Бугарија како и на автопатот покрај Софија. Од Грција дома се враќаа и голем број на Срби.
– Зошто немате винетки, па воведете ги и нема да има вакви гужви, рече возач на автомобил од Нови Сад.
Инаку летово во два наврати на патарината Романовце кај Куманово се создадоа огромни колони возила поради проблемот со металните евра кој беше надминат./Б.Н