Две петолетки, ја стартуваа школската година со проблеми
Училишното ѕвонче се огласи а мајките кои ги донесоа првачињата на училиште во Башино село не сакаа да дадат изјави како годинава децата ќе им учат во зградата со испукани тавани, влага и со стари тоалети. Учителките ги предупредија дека надвор стојат новинарски екипи. Но, ако тие не зборуваа денеска директорката на училиштето, Фиданка Ивановска рече дека треба да продолжи реконструкцијата на зградата на која и биле неопходни нов покрив, фасада и нови тоалети.
– Иако училиштето е реновирано потребно е да се дозавршат поправките на фасадата бидејќи таа од три страни на зградата е стара скоро еден век. На училиштето му треба нов покрив и секако добро би било да добие тоалети во рамките на објектот наместо постоечките во дворот. За овие градежни работи има проект во општината, рече Ивановска.
Училиштето во Башино село е подрачно на основното Јордан ХК Џинот во Велес. Во него општината инвестирала но градоначалникот Славчо Чадиев рече дека нема да коментира дали станувало збор за пропусти туку дека ќе биле земени во предвид барањата на родителите и ќе се превзеле мерки годинава или в година.
– До мене нема доставено барање но службите на општината беа во училиштето. Согласно можностите за 2013 година ќе видиме но ако немаме сретства тогаш ќе го ставиме во приоритетите за 2014 година. Ќе ги замолиме родителите за трпение и ќе биде реновирано и тоа училиште како што треба, рече Чадиев.
Чадиев денеска беше во училиштето во селото Сливник за да види до каде е изградбата на училишните тоалети. Таму, пред еден месец, родителите се заканија дека ќе ја бојкотираат наставата ако на 1 септември нивните деца не добијат тоалети. Чадиев рече дека новиот објект во кои ќе се наоѓаат тоалетите наскоро ќе бил дозавршен и училиштето ќе добиело уште една училница бидејќи таму бројот на ученици постојано се зголемува./Б.Н