Со пет деца, во беда и сиромаштија живее семејството Стојанови
– Имам пет деца, немам работа, немам од што да ги прехранам, со сопругата Јасмина и децата живеаме во сиромаштија и беда, рече триесет и девет годишниот Санде Стојанов од селото Каратманово. Неговите три деца , единаесет годишната Валерија, деветгодишниот Александар и седумгодишниот Дамјан, вчера не биле на училиште во Лозово. За да го спаси татко и од казна, за непуштање на деца на училиште, денеска Валерија заминала пеш од Каратманово до Лозово но само да ги земе книгите. Санде вели дека од дневницата што вчера ја заработил како аргат не останале ниту 20 денари за да му даде на девојчето за превоз.
– Во очај сум, никогаш не верував дека ќе западнеме во ваква беда и сиромаштија. Ваква криза никогаш немало, се е поскапено, од ден во ден е се потешко а работа нема. Вчера заработив 500 денари, платив автобус од Велес до Каратманово и што донесов дома. Претходно толку бев разочаран, што ме фати некоја криза, паника не знаев што да правам и се фрлив во Вардар па ме извадија некои луѓе, рече Санде.
Тој останал без работа на почетокот на годината. Претходно со години работел како овчар во велешкиот агрокомбинат Лозар а потоа и на прватно, кај газди. Кога последниот во кочанско го напуштил, на нивите што ги има, насеал жито и со Јасмина насадиле малку тутун и кромид. Житото го однел во Кардифаково кај пријател и сомлел 10 вреќи брашно.
– По две вреќи месечно трошиме брашно. Само леб имаме а зејтин, шекер, сол нема. Немам на децата што друго да им дадам. Гладни се. Блокирана ми е трансакциската сметка поради кредит кој го зедов кога работев и купив два каучи за да има на што да ми спијат дечињата. Плаќав додека работев, сега неможам и ми ја блокираа сметката. Кога ќе стигнат парите од тутунчето ќе ми ги земат, рече Санде.
Се плаши за овој долг, да не му донесе извршители и да му ја земат куќата. Во неа ќе нема и струја бидејќи Стојанови имаат неплатено две и ја чекаат третата сметка за потрошена електрична енергија.
– Не бирам работа и постојано барам ама нигде неможам да најдам. Ќе прифатам и канализација да чистам во Велес само нека ми понудат, рече Санде.
Тој завршил средно автомеханичарско училиште во Велес. Досега повеќе пати конкурирал за владината помош за трето дете но го одбиле. Сега се жали до министерството за труд и социјална политика./Б.Н