Велешки „Киро Ќучук“ пред ликвидирање или рестартирање
Презадолжена, со обврски од близу 10 милиони евра или два ипол пати повеќе од проценетата вредност и само 56 работници, во февруари годинава, стечајниот управник Ацо Петров ја затекнал фабриката за тули и градежни материјали „Киро Ќучук“. Дел од поранешните работници на туланицата се посомневаа во прикажаниот имот. Меѓу нив беше и Андрејче Тодоровски.
– Неблагодарно е сега да нагаѓам но ете нека се провери. Постојат документи, стари пописни листи, во кои е евидентирано се што фабриката имаше како имот. Ние имавме градежно земјиште, станови и коли кои сега ги нема, рече Тодоровски.
Велешки Киро Ќучук бил доведен во стечај поради континуирано задолжување и работа со загуба. Фирмата била лошо водена, со неликвидност а капиталот континуирано се трошел поради кампањско работење и примање на готовинска наплата, рече стечајниот управник Петров пред преставниците на 380 доверители на Собранието што денеска се одржа во велешкиот суд. Тој соопшти дека обврските се преголеми и нив доверителите тешко ќе успеат да ги наплатат.
– Имајки ги предвид обврските или побарувањата на доверителите во оваа стечајна постапкамислам дека е тешко да се наплатат. Затоа јас предложив во извештајот при впаричување да се оди во пакет. Освен за продажба истото го мислам и при евентуално рестартирање на производниот капацитет, рече Петров.
Доверителот Микротеч од Прилеп побара да го рестартира велешки Киро Ќучук. Останатите доверители ја прифатија иницијативата и му дадоа рок од 8 дена за да им достави бонитет на фирмата и план во кој ќе прикаже што планира да работи, со колку работници и кога ќе им ги исплати побарувањата. Тие на 27 септември, на Собрание на доверители, ќе одлучат дали фирмата ќе се ликвидира или ќе се рестартира./Б.Н