Сточарите стрепат, сеуште незнаат дали имаат говеда болни од бруцелоза

Објавено: 6 септември, 2013, во 08:53 часот

Сточарите во велешко ги чекаат ветеринарните лекари и стрепат од резултатите што ќе ги покаже годинешното вадење на крв кај говедата. Така се контролира бруцелозата која во последните три години им ги истреби стадата. Лани поради откриена бурцелоза беа одземени  и заклани над 475 говеда. Сточари велат дека поголем број биле од сортата буша, но имало и високо квалитетни крави.  Изминатите неколку години контролите и вадењето на крв од стоката почнуваше на почетокот на месец септември. Годинава не е така.

„Стадото ми броеше 72 говеда и сите се разболеа. Незнам од каде заболеа. Ги чував во најчистиот предел во Македонија, во  селото Крива Круша, преку зимо и на Солунска Глава преку лето.Без нив сум како сакат. Тие ми беа егзистенција. Досега ми платија само 160.000 денари и ништо повеќе“, вели Марјан Петровски од Чашка.

Поради бруцелоза, пред две години, сточар од Оморани остана без 250 говеда. Состојбата се повтори лани во селото Мелница каде беа одземени и уништени 40, во Согле 70, во Оморани 14 и во Стари Град 23 говеда. Според закон на сточарите им следува обештетување за секое заболено говедо.

Во Ветеринарната станица во Велес велат дека годинава состојбата со бруцелозата ќе биде утврдена откако ќе излезат на терен и извадат крв од стоката. За тоа им требал налог што го дава Агенцијата за храна и ветеринарство.

– По добиените резултати ќе знаеме во каква состојба е добитокот. Стадата со овци и кози се вакцинирани затоа кај нив нема бруцелоза. Лани имаше болни говеда, цели стада, во селата Крива Круша, Оморани, Стари Град, Мелница и Согле. Годинава ќе видиме каква ќе биде состојбата штом извадиме крв и добиеме резултати, ветеринарниот лекар Димче Димитровски.

Во Ветеринарната станица чекаат Агенцијата да им испрати налог и велат дека биле подготвени да излезат на терен. Постапката за утврдување на присуството на болеста е кратка. Резултатите веднаш покажуваат кое говедо е болно а кое е здраво. Болните се одземаат и се носат на ништење./Б.Н

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.