Од „Колска“ избркани двајца работници кои обвинуваат за мобинг а директорот вели биле неработници
Отказ од велешка Колска добиле двајца работници кои повеќе пати го прашале директорот зошто ги деградира на работни места со пониски квалификации. Раде Ончевски и Ристе Бошев го обвинија директорот дека врши мобинг речиси врз сите вработени во фабриката за шински возила. Тие тврдат дека штом работниците се спротистават директорот веднаш ги брка од работа.
– Како може директорот да се однесува така со нас. Па не му доликува да не пцуе и да ни ги меша фамилиите. Кој и да му се спротивстави прво го деградира и потоа добива отказно решение, како мене, рече Ончевски.
– Ми ја намали платата на 70 проценти и кога го прашав зошто тој ништо не ми одговори. После ме зема на око и почна да ме става на пониски работни места. Завршив како чистач. И платата ми се намали. Секој месец губев по 8 илјади денари. Така беше три месеци и кога го прашав, ми даде отказ, рече Бошев.
Директорот Александар Атанасов рече дека фабриката за шински возила се соочува со недостиг на работници. Многумина заминале во пензија и била направена нова систематизација на работни места. Тој рече работниците кои добија отказ се противеле на распоредување на нови работни места, имаат неколку дисциплински опомени по што отказните решенија биле неопходни.
– Мора да има прераспоредување на работни места. Против тие работници и пред јас да станам директор се воделе дисциплински постапки. Никој не е избркан од мене туку од шефовите кои ја следат нивната работа. Тие одбивале работа и затоа добија отказ, рече Атанасов.
Избрканите, поддршка не добиле ниту од фабричкиот синдикат ниту од нивните шефови бидејќи како што велат сите стравуваат од откази. Ги известиле сите институции, а правдата ќе ја бараат и на суд. Бидејќи Колска е државна фирма, апелираат владата да го преиспита работењето на директорот./Б.Н